Oдржана првата ToT обука за обучувачи во рамките на RECONOMY проектот
На 16 јули 2026 (четврток), во просториите на Јавна Соба, се одржа првата обука за обучувачи (Training of Trainers – ToT) во рамките на RECONOMY проектот, кој Сојузот на стопанските комори (ССКМ) го спроведува во партнерство со Helvetas Swiss Intercooperation. Обуката претставува почеток на серија од пет ToT сесии насочени кон зајакнување на капацитетите на обучувачите и поддршка на дигиталната трансформација и модернизацијата на транспортниот и логистичкиот сектор.

Преку интерактивни сесии, практични вежби и размена на искуства, учесниците ќе имаат можност да ги унапредат своите обучувачки, комуникациски и дигитални вештини и да применуваат современи методологии за пренесување на знаење. По завршувањето на циклусот од ToT сесиите, обучувачите ќе реализираат обуки за компании од транспортниот и логистичкиот сектор, фокусирани на клучните компоненти на проектот, вклучително и воведувањето и имплементацијата на e-CMR, поддршката на концептот One-Stop-Shop за поефикасни административни постапки, како и унапредувањето на техничките и дигиталните вештини на вработените. На овој начин, проектот ќе придонесе кон создавање одржлив систем за пренос на знаење, забрзување на дигиталната трансформација и јакнење на конкурентноста на транспортниот и логистичкиот сектор во Република Северна Македонија.
