Во Белград бинзисмени од регионот разговараа за имплементација на „Електронски товарен лист“
Претставници на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ), заедно со бизнисмени и претставници на транспортниот и логистичкиот сектор од регионот, во Белград, Република Србија, учествуваа во разговори посветени на имплементацијата на електронскиот товарен лист (е-CMR). Новиот систем има за цел да ги замени хартиените транспортни документи, да ги намали задржувањата на границите и да овозможи побрз и поефикасен проток на стоки кон Европската Унија.
Весна Кузмановиќ од ССКМ истакна дека компаниите од транспортниот и логистичкиот сектор се подготвени да го прифатат новото софтверско решение, кое е компатибилно со европскиот e-CMR систем. „Ги собравме сите релевантни чинители, а најбројни беа компаниите од транспортот и логистиката, кои јасно покажаа подготвеност за прифаќање на софтверското решение“, истакна Кузмановиќ, нагласувајќи дека ССКМ е активно вклучен во процесот и презема чекори за забрзување на имплементацијата.
ССКМ и понатаму ќе продолжи да ги информира и поддржува компаниите во подготовките за дигитализација на транспортните документи преку обуки, размена на искуства и соработка со домашни и регионални партнери, сè со цел – поефикасен транспорт, олеснета трговија и поголема конкурентност на македонските компании.
