Одржана Националната тркалезна маса „Посилен глас на бизнисот за реформите“

Одржана Националната тркалезна маса „Посилен глас на бизнисот за реформите“

На 20 октомври 2026 година, Сојузот на стопанските комори на Македонија (ССКМ), со поддршка на Center for International Private Enterprise (CIPE), во Holiday Inn во Скопје ја одржа Националната тркалезна маса „Посилен глас на бизнисот за реформите“, посветена на јавно приватниот дијалог за Реформската агенда и Планот за раст на Северна Македонија.
Настанот беше посветен на унапредувањето на соработката меѓу бизнис-заедницата и институциите, со посебен акцент на улогата на приватниот сектор во спроведувањето на реформите, подобрувањето на деловното опкружување и зајакнувањето на конкурентноста на македонската економија.

Во рамки на настанот беа презентирани наодите и резултатите од проектните активности насочени кон зајакнување на управувањето во ССКМ и унапредување на застапувањето засновано на докази.
Беше претставена и дигиталната платформа CG-CONNECT, наменета за подобрување на комуникацијата и вклученоста на членките на ССКМ.

Централниот дел од настанот беше панел-дискусијата на тема „Партнери за раст: бизнисот и Владата заедно во спроведувањето на Реформската агенда – дигитална и зелена трансформација за конкурентна македонска економија“, на која во фокусот беа можностите за поефикасно спроведување на реформските приоритети преку конструктивна соработка меѓу јавниот и приватниот сектор.

Во панел-дискусијата учествуваа г-дин Марјан Ристески, заменик-министер за економија, г-ѓа Јелена Арсовска, извршен директор на АмЧам Северна Македонија, г-дин Дурим Зекири, извршен директор на Стопанската комора на Северна Македонија, и г-дин Драган Пехчевски, претседател на Управниот одбор на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ). Присуството на заменик министерот Ристески ја реафирмира определеноста на Владата за унапредување на институционалната соработка со стопанските комори и воспоставување континуиран и структуриран јавно-приватен дијалог како значаен предуслов за успешно спроведување на реформските процеси и креирање политики во согласност со потребите на бизнис-заедницата.

Дискусијата ги опфати значењето на Реформската агенда и Планот за раст на ЕУ за подобрување на деловната клима, потребата од поголема предвидливост на регулативата и поефикасни административни процедури, како и можностите за поактивно вклучување на стопанските комори во подготовката на законските решенија и следењето на реформските процеси.

Посебно внимание беше посветено на дигиталната трансформација на компаниите и јавните услуги, вклучително и предизвиците со кои се соочуваат малите и средните претпријатија во пристапот до дигитални решенија, финансии и соодветни вештини. Во контекст на зелената транзиција, беа опфатени прашањата поврзани со декарбонизацијата, енергетската ефикасност, барањата за
одржливост и механизмот на ЕУ за јаглеродно прилагодување на границите (CBAM), како и потребата од соодветна поддршка за компаниите во зачувувањето на нивната конкурентност.
Дополнително, беше истакната важноста на застапувањето засновано на докази и координираниот глас на бизнис-заедницата во дијалогот со институциите, со цел предлозите и реформските мерки да ги одразуваат реалните потреби на компаниите. Пристапот на малите и средните претпријатија до финансиските инструменти и средствата за дигитални и зелени инвестиции, исто така, беше
идентификуван како значајна тема во контекст на економскиот развој и модернизацијата на
деловниот сектор.

Националната тркалезна маса претставуваше можност за отворање прашања од значење за идниот развој на македонската економија и за истакнување на потребата од континуиран, структуриран и инклузивен јавно-приватен дијалог.

Преку ваквите настани, ССКМ ја потврдува важноста на партнерството меѓу бизнис-заедницата и институциите во поддршка на реформските процеси, дигиталната и зелената трансформација и создавањето поповолни услови за работење, инвестирање и одржлив економски раст.

Можеби ќе те интересира...

Заедно да придонесеме за економската стабилност на Македонија

Контакт инфо.