
ССКМ го одржа годишното Собрание: Започнува нова ера на развој, модернизација и посилно застапување на македонската бизнис-заедница
Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ) денес го одржа своето редовно годишно Собрание, на кое присуствуваа членови на Собранието, претседатели на секторските комори, претставници на компаниите членки и партнери на Сојузот.
На Собранието беа усвоени годишните извештаи за работењето на ССКМ, разгледани постигнатите резултати и донесени заклучоци кои ги дефинираат приоритетите на Сојузот во наредниот период. Посебен акцент беше ставен на организациското зајакнување на Комората, дигиталната трансформација, унапредувањето на услугите за членките и јакнењето на улогата на ССКМ како активен партнер во креирањето на економските политики.
Во своето обраќање пред присутните, претседателот на ССКМ, д-р Горан Ѓорѓиевски, ја претстави визијата за новата развојна фаза на Сојузот, насочена кон изградба на современа, ефикасна и влијателна комора која ќе биде вистински сервис на македонските компании.
„Периодот на транзиција заврши. Денес започнуваме нова ера на ССКМ – комора која не чека промени, туку активно ги создава. Ќе продолжиме да работиме како силен партнер на компаниите и институциите, со јасна цел – поконкурентна економија, подобро деловно опкружување и поголеми можности за македонските компании,“ порача претседателот на ССКМ, д-р Горан Ѓорѓиевски.
Во согласност со усвоените заклучоци, ССКМ и во наредниот период ќе го засили застапувањето на интересите на македонските компании преку конкретни иницијативи за подобрување на даночната политика, поддршка на малите и средните претпријатија и активно учество во креирањето на регулативите што влијаат врз деловното работење.
Како еден од клучните приоритети останува дигиталната трансформација на стопанството, преку поддршка на воведувањето на системот е-фактура, дигитализација на административните постапки и реализација на проекти за транспорт и логистика, вклучително и имплементацијата на е-CMR, со што ќе се намалат административните процедури и ќе се зголеми ефикасноста на компаниите.
Собранието ја потврди и определбата на ССКМ за активно учество во европските проекти и иницијативи, преку Европскиот дигитален иновативен центар (ЕДИХ) и други меѓународни програми, со цел да им се обезбедат на компаниите поголема поддршка за дигитализација, иновации, пристап до нови пазари и европски фондови.
Во насока на интернационализација на македонското стопанство, ССКМ ќе продолжи со организација на Б2Б средби, деловни мисии и економски форуми, како и со подготовка на македонските компании за настап на EXPO 2027 во Белград. Истовремено, ќе се интензивира соработката со дипломатско-конзуларните претставништва, меѓународните партнерски организации и регионалните бизнис-мрежи.
Меѓу донесените заклучоци се и воспоставување нови услуги за компаниите членки преку полесен пристап до кредитни и грант-програми, подготовка на економски анализи и стручни советувања, развој на новата дигитална платформа на ССКМ, како и активности за проширување на членството и понатамошно јакнење на коморскиот систем.
Со јасна визија, нова енергија и конкретна програма за работа, Сојузот на стопански комори на Македонија продолжува да ја гради својата улога како современа, влијателна и обединета бизнис-организација, посветена на создавање подобро деловно опкружување и посилна, поконкурентна македонска економија.

