
Претставници од транспортниот сектор, Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ), Царинската управа и Министерството за транспорт беа во работна посета на Дортмунд, Германија
Претставници од транспортниот сектор, Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ), Царинската управа и Министерството за транспорт беа во работна посета на Дортмунд, Германија.
Посетата беше организирана во рамки на проектот што го спроведуваат Хелветас и Рекономи во соработка со ССКМ за воведување на електронскиот товарен лист (e-CMR). Целта беше да се разменат искуства и да се запознаат со најдобрите практики на технолошките компании во областа на дигитализацијата на транспортните процеси, што претставува дел од Реформската агенда.
Особено значајни беа искуствата за претставниците на државните институции, кои се клучни чинители во процесот на имплементација. Македонските институции, во партнерство со бизнис-заедницата, активно се подготвуваат за воведување на e-CMR до 2027 година, што е крајниот рок за негово целосно имплементирање.
Со воведувањето на електронскиот товарен лист се очекува значително намалување на административните трошоци, забрзување на царинските и граничните процедури, како и зголемување на транспарентноста во синџирите на снабдување.
Во рамки на состаноците во технолошкиот хаб во Дортмунд беше заклучено дека успешната имплементација на оваа промена бара тесна соработка меѓу државните институции и бизнис-секторот. Притоа беше нагласено дека најголема поддршка ќе им биде потребна на малите и средните компании, кои ќе се соочат со најголеми предизвици во процесот на дигитална трансформација.
Ваквите работни посети и меѓународни соработки се од особено значење, имајќи предвид дека Германија и Европската Унија се најголеми трговски партнери на Македонија. На средбите се разговараше и за актуелните предизвици во транспортниот сектор, најголем предизвик и натаму е недостигот од квалификувана работна сила.
Во рамки на посетата, македонските претставници имаа можност да се запознаат и со најновите решенија во областа на роботиката и автоматизацијата, кои значително ги олеснуваат процесите во транспортот, логистиката и шпедицијата“