
Одржани координативни состаноци во рамки на проектот SEBCoVE
Во текот на летниот период, во рамки на проектот SEBCoVE – Smart electricity for buildings, беа одржани два координативни состаноци на проектните партнери со цел координација на тековните активности и усогласување на следните чекори за имплементација на проектот. На состаноците учествуваа претставници од Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ) и ЕМКИЦЕ, при што беа разгледани досегашните активности, анализите на потребите од нови знаења и вештини, како и приоритетите за понатамошна реализација на проектните задачи.
Главен фокус на работните состаноци беше процесот на воспоставување на Центарот за стручно образование и извонредност (Centre of Vocational Excellence – CoVE), кој претставува клучен резултат на проектот.
Партнерите ги разгледаа моделот на организација и управување со Центарот, распределбата на улогите и одговорностите, како и механизмите за активно вклучување на компаниите, јавните институции, образовните установи и останатите релевантни чинители во неговото функционирање. Воедно беше потврдена заедничката заложба за развој на одржлив CoVE екосистем кој ќе обезбеди современи програми за стручно образование и обука, практично учење во реална работна средина, европски сертифицирани обуки и тесна соработка помеѓу образованието и стопанството.
Во рамки на состаноците беа договорени и следните активности поврзани со финализирањето на наставните модули, подготовката за избор на обучувачи, организацијата на пилот-обуките и воспоставувањето на системот за европска сертификација. Посебно внимание беше посветено на улогата на ССКМ во обезбедувањето соработка со компаниите и организирањето на практична обука, со што Центарот за стручно образование и извонредност ќе претставува одржлива платформа за развој на вештини, подобрување на вработливоста и јакнење на конкурентноста на стопанството во согласност со европските стандарди.
