Во рамките на активноста „Отворени денови” која ССК ја организира во соработка со државните институциите, денес се одржа уште еден настан со Државниот пазарен инспекторат.

0
373

Во рамките на иницијативата “Отворени денови” која Сојузот на стопански комори ја организира во соработка со државните институциите, денес се одржа уште еден настан на кој гостин беше директорката на Државен пазарен инспекторат, г-ѓа Анета Симеска Димоска. На настанот претставници на членките на сојузот имаа можност да и’ постават директни прашања на директорката за различни аспекти од делокругот на нивното работење како и спектар на прашања поврзани со надлежностите на инспекторатот и постапката за вршење на инспекциски надзор. Во рамки на настанот од двете страни беше потенцирана заложбата за поинтензивна соработка и градење партнерски однос помеѓу членките на Сојузот и Државниот пазарен инспекторат, а со крајна цел подобрување на деловното работење и општата бизнис клима во државата која би донела бенефит за сите.

Директорката на Инспекторатот потенцира дека и покрај намалениот обем на економски активности на деловните субјекти поради корона кризата, нивниот обем на работни активности и извршени инспекциски надзори сепак пораснал, но дека и покрај тоа бројот на изречени казни не се зголемил, што според директорката јасно покажува дека крајната цел на Инспекторатот не е репресивно дисциплинирање на бизнис субјектите, туку доследно применување на постоечките законски прописи што ќе резултира со значителна предвидливост во економските активности како на микро така и на макро ниво, што е интерес и на самите деловни субјекти, на граѓаните и на економскиот систем во целост. Г-ѓа Симеска Димоска на претставниците на членките на Сојузот им укажа дека градењето на меѓусебната доверба со фирмите- објекти на инспекцискиот надзор за нив како институција претставува врвен приоритет и дека се апсолутно отворени за соработка и за едукација на бизнис субјектите, потенцирајќи дека било кое бизнис правно лице може во секое време да побара да оствари непосредна комуникација со Инспекторатот за сите нејаснотии и проблеми, како и за евентуално пријавување на потенцијалното пречекорување на службените овластувања на инспекторите. Во однос на одмерувањето на казните, директорката јасно посочи дека кога веќе инспекторите на терен ќе пристапат кон казнување на субјектот поради евидентно кршење на законските обврски, тие во најголем дел сепак ќе се одлучат за минималниот износ на глоба во дадениот распон во конкретниот закон, што според неа е уште една потврда дека намерата на Државниот пазарен инспекторат не е да казнува, туку да обезбеди доследна примена на важечките правни прописи.

Учесниците од фирмите- членки на Сојузот преку поставување на голем број прашања активно се вклучија во настанот, изразувајќи желба за интензивирање на меѓусебната комуникација и подобрување на односите и и’ порачаа на директорката Симеска Димоска да продолжи да работи на подобрувањето на имиџот на оваа институција, а воедно изразија и надеж дека проблемите со кои се соочуваат во пракса инспекторатот ќе ги адресира до Владата како предлагач на голем дел од економските закони, со што и на директен начин ќе стане мост меѓу стопанството и извршната власт.