Одржан координативен состанок за олеснување на трговијата и транспортот меѓу Северна Македонија и Хрватска
Се одржа координативен состанок посветен на трговската размена и олеснувањето на транспортот меѓу Република Северна Македонија и Република Хрватска, со фокус на дигитализацијата на товарните документи.
На состанокот учествуваа претставници на Царинската управа на Република Северна Македонија, Макам Транс, Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ), Стопанската комора на Северна Македонија и Стопанската комора на северозападна Македонија.
Меѓу другите теми, ССКМ го презентираше проектот на Хелветас/Рекономи за електронски товарен лист (е-CMR). Беше претставен концептот на е-CMR како дигитална замена на хартиениот товарен лист во меѓународниот патен транспорт, со што се намалуваат административните трошоци, се забрзуваат царинските и граничните процедури и се зголемува транспарентноста на синџирите на снабдување. Претставена беше и обврската за eFTI што произлегува од регулативата на Европската Унија.

ССКМ предложи eFTI и е-CMR да бидат меѓу темите на претстојниот работен состанок во Хрватска. Како заклучок, договорено е во текот на месец јули да се реализира работна посета на Република Хрватска, на која се предвидени средби со Царината на Република Хрватска, Здружението на превозниците и стопанските комори на Хрватска.
Претставници на ССКМ на состанокот беа Драган Пехчевски, претседател на Управниот одбор на ССКМ, и Синиша Миланов од компанијата Боми 10 Логистик, која е член на Управниот одбор на ССКМ, и претседател на Услужната комора при ССКМ.
