Заедничката заложба за засилување на економската соработка помеѓу Македонија и Германија, како и унапредувањето на постоечките механизми за зголемување на извозниот потенцијал на компаниите членки на Сојузот на стопански комори на Македонија беа темите на кои се дискутираше на денешната работна средба која претседателот на Сојузот, г. Трајан Ангелоски и потпретседателот, г-а Габриела Кулебанова ја остварија со Н.Е. Заменик амбасадорот на Сојузна Република Германија во Македонија, г. Ото Граф.
Од двете страни беше истакнато задоволството од досегашната исклучително плодна соработка помеѓу двете земји, која е особено успешна во полето на економските односи, но беше потенцирано и дека потенцијалот за уште поинтензивна соработка сè уште не е исцрпен и дека по несигурната и непредвидлива 2020 година, 2021 донесе вистинско придвижување на економските релации помеѓу двете земји, што најдобро се гледа преку импозантниот раст на обемот на трговската размена кој изнесува 64% во споредба со истиот период во 2020 година.
“Не случајно Сојузна Република Германија е нашиот прв економски партнер 16 години наназад. Ни претставува особено задоволство што поволните услови за инвестирање се препознаени од страна на нашите германски партнери и што нашата земја ужива имиџ на поволна дестинација за отварање и водење на бизнис помеѓу германските стопанственици. Континуираниот раст на извозот кон оваа земја и фактот што Германија е една од малкуте земји со кои Македонија остварува суфицит во трговската размена особено нѐ радува, но она на што особено треба да се посветиме во иднина, не само ние како Сојуз на стопански комори на Македонија, туку пошироко, сите релевантни економски чинители во општеството, е интензивирање на напорите за пробивање на домашните извозно- ориентирани компании на германскиот пазар и особено мотивирање на средните претпријатија кои сѐ уште не почнале да размислуваат за извозни активности, да почнат да размислуваат и да делуваат во тој правец”- истакна г. Ангелоски.
Во рамки на работната средба, г-от Ангелоски ги претстави и тековните проекти на кои работи Сојузот на стопански комори, а се зборуваше и за идни планови и насоки за меѓусебна соработка на Сојузот со Амбасадата на Сојузна Република Германија во нашата земја.