Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска, во Владата ја презентираа новата електронска платформа „Македонски туристички водич“ (https://tourism.mk).
Станува збор за иновативно, паметно и дигитално решение, кое на домашните и странски туристи им овозможува голем број на услуги, преку прегледи на угостителски и сместувачки капацитети, планирање на патувањата во нашата земја, но и кое дава предлози, кои се културни знаменитости може да се посетат за време на патувањето.
Вицепремиерот Битиќи истакна дека овој потпроект, е еден од вкупно 57-те, во рамките на Проектот за локална и регионална конкурентност, кој е финансиран од страна на Европската Унија и Владата на Република Северна Македонија, а со техничка поддршка од канцеларијата на Светска банка во Скопје.
„Денес ја имаме честа да присуствуваме на промоцијата на завршениот потпроект „Информатички технологии за развој на туризмот“, што го спроведе Сојузот на стопански комори на Македонија. Висината на доделениот грант изнесуваше 5.094.750 денари, во кој учеството на корисникот на грантот изнесуваше 525.000 денари. Со новата веб ГИС апликација за развој на туризмот „Македонски туристички водич“, што претставува интеграција на просторни податоци релевантни за туризмот и овозможува корисниците да можат да пребаруваат разни категории и податоци за туризмот, ССК најде креативно решение, преку користење на иновативна технологија да помогне во процесот на мапирање и константно надградување на сите локации од туристичко-угостителската индустрија во државата. Со ова решение тие ќе бидат концентрирани на едно место“, посочи вицепремиерот Битиќи.
Данела Арсовска, Претседателката на Сојузот на стопански комори, кои го реализираа потпроектот „Македонски туристички водич“, потсети дека туризмот е една од гранките кои се најпогодени од ковид кризата, а дека оваа платформа преку која може да се пристапи на сите начини од сите дигитални уреди, особено е значајна за домашните туристи, кои поради природата на пандемијата би можеле да бидат и оваа година најчести посетители на туристичките локации во Северна Македонија, но и за компаниите од туристичкиот сектор кои би можеле да ја искористат и преку неа да креираат пакет понуди за туристите.
„Според статистичките податоци за изминатата година, како резултат на пандемијата, во периодот јануари – декември 2020 година, во однос на истиот период во 2019 година, бројот на туристите е намален за 60.5 %. Затоа, Сојузот на стопански комори на Македонија ги идентификува клучните предизвици за развој на туризмот и со воведување дигитални алатки за зголемување на квалитетот на туристичката понуда изготви платформа Македонски Туристички Водич. Платформата е практично и апликативно решение коешто се базира на географско-информацискиот систем (ГИС) и преку веб и мобилна апликација ќе ја зголеми видливоста на сите туристички и угостителски објекти на национално ниво, а едновремено ги мапира и останатите туристички атракции, како локациите на природните и културни наследства и музеите“, нагласи Арсовска.
Според достапните податоци, платформата „Македонски туристички водич“, веќе е посетена повеќе од 300 илјади пати, а апликацијата за паметни уреди е исто така симната повеќе илјади пати, со што се покажува дека е исклучително корисна за сите кои сакаат да ги посетат туритичките локации во Република Северна Македонија и да се запознаат со културното и национално богатство на земјата.