Сојузот на стопански комори во соработка со надлежните институции организираше уште еден настан од серијалот „Отворени денови“ во чии рамки членовите на Сојузот имаа можност директно да комуницираат со претставници на Царинска управа и да поставуваат прашања од делокругот на нејзиното работење.

Г-дин Златко Ветеровски, Помошник директор на Сектор за царински систем, изрази подготвеност за интензивирање и продлабочување на соработката меѓу Царинската управа и Сојузот на стопански комори и заедно со извршната директорка, г-ѓа Христина Стојановиќ најавија неколку тематски обуки кои би се случиле до крајот на годината.

Претставниците на деловните субјекти се интересираа за договорите за слободна трговија со одредени држави, за можностите за промена на царинските тарифни броеви, за поедноставување на одредени процедури и можностите за забрзување на нивното завршување. Исто така се сподели и размислување за потребата од двосменско работење на одредени царински испостави, а се дискутираше и за надминување на проблемите поврзани со корупција.