
Experience Krusevo – дигитална платформа за поврзан туристички екосистем
Во рамките на ИНОФЕИТ ЕДИХ е развиена Experience Krusevo – интегрирана дигитална платформа за поддршка на локалниот туристички развој, создадена во соработка со Општина Крушево. Решението ги поврзува посетителите, сместувачките капацитети, локалните понудувачи на производи и услуги и Општината во единствен дигитален екосистем.
Платформата е развиена со цел богатата туристичка понуда на Крушево да стане повидлива, подостапна и подобро поврзана, а посетителите полесно да откриваат туристички атракции, културни и природни знаменитости, активности, локална гастрономија, производи и услуги. Преку Experience Krusevo, посетителот по пристигнувањето и евидентирањето во сместувачкиот капацитет добива пристап до платформата и може да ги истражува достапните содржини и локални понуди, како и да користи конкретни поволности преку генерирање кодови и QR функционалности.
Решението истовремено создава нов дигитален канал за локалните бизниси, преку кој тие можат директно да ги промовираат своите производи, услуги и поволности пред посетителите на Крушево. Сместувачките капацитети, пак, добиваат можност да им понудат на своите гости дополнителна вредност и да ги поврзат со целокупната туристичка понуда на дестинацијата.
Важен сегмент на платформата е и можноста за создавање податоци и сознанија за туристичката активност. Со нејзиното активно користење ќе може подобро да се согледуваат интересите на посетителите, користењето на локалните понуди, сезонските модели на посетеност и интеракцијата со локалниот туристички екосистем. На тој начин се создава основа за подобро планирање, промоција и долгорочен развој на Крушево како туристичка дестинација.
Решението е резултат на соработка меѓу Општина Крушево, ИНОФЕИТ ЕДИХ, Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ и локалниот приватен сектор, при што ИНОФЕИТ ЕДИХ ја обезбеди дигиталната експертиза и развојот на решението. Со понатамошното вклучување на сместувачките капацитети и локалните понудувачи, платформата има потенцијал да прерасне во долгорочна дигитална инфраструктура за развој на Крушево како поврзана и data-driven туристичка дестинација.
Experience Krusevo е практичен пример за тоа како дигиталната трансформација може да создаде вредност за целата локална заедница – подобро искуство за посетителите, поголема видливост и нови можности за локалните бизниси и сместувачките капацитети, како и подобра основа за управување и развој на туризмот од страна на Општината.


