Одржана работилница за системот е-Фактура во соработка со Сојузот на стопански комори на Македонија и Управа за јавни приходи
Сојузот на стопански комори на Македонија во соработка со Управата за јавни приходи, успешно одржа работилница посветена на системот е-Фактура, на која учествуваа повеќе од 300 претставници на компании и институции, со физичко присуство и преку онлајн вклучување.
На работилницата беа презентирани функционалностите на системот е-Фактура, начинот на негово користење, како и придобивките што ги нуди за компаниите во процесот на дигитализација на деловните процеси. Учесниците имаа можност да се запознаат со клучните аспекти на системот, да поставуваат прашања и да добијат одговори и појаснувања.
Големиот интерес и бројното учество ја потврдија високата заинтересираност на деловната заедница за воведувањето на системот е-Фактура и неговата практична примена. Активната дискусија и размената на мислења придонесоа за подобро разбирање на функционалностите на системот и неговите можности. Како партнер на институциите во креирањето подобра деловна клима, Сојузот на стопански комори на Македонија активно ги поддржува реформите што придонесуваат за поголема ефикасност, намалување на административните трошоци и унапредување на конкурентноста на компаниите. Воведувањето на системот е-Фактура претставува значаен чекор кон модернизација на деловното работење и поедноставување на комуникацијата помеѓу компаниите и институциите.

ССКМ ги охрабрува компаниите активно да се вклучат во тестирањето на системот, да ги споделат своите искуства и предлози и на тој начин да придонесат кон негово понатамошно унапредување. Повратните информации од деловната заедница ќе бидат од особено значење за успешна и ефикасна имплементација на системот.
Сојузот на стопански комори на Македонија ќе продолжи да организира настани и активности насочени кон информирање, едукација и поддршка на компаниите во процесот на дигитална трансформација и прилагодување кон современите деловни практики.
