Chamber

„Денот на коморите“, во организација на Сојузот на стопански комори на Македонија

„Денот на коморите“, во организација на Сојузот на стопански комори на Македонија

На годинешниот настан „Денот на коморите“, во организација на Сојузот на стопански комори на Македонија, под мотото „Економија и проекти – сегашност и иднина“, беше презентиран проектот INNOFEIT EDIH како конкретен пример за тоа како се поврзуваат науката, бизнисот и секторските политики во функција на одржлив економски развој.

Настанот го отвори претседателот на ССКМ, Горан Ѓорѓиевски, кој истакна дека Комората како водечка независна деловна мрежа останува силно посветена на унапредување на деловното опкружување, поддршка на компаниите и креирање вредности преку конкретни проекти и партнерства.

Проектот INNOFEIT EDIH беше претставен преку панел-дискусија водена од Марија Зафировска, член на проектниот тим, која го презентираше концептот „Test before Invest“ – пристап што им овозможува на компаниите да тестираат технолошки решенија пред да донесат инвестициска одлука, со што се намалува ризикот и се зголемува конкурентноста.

Како гостин на панелот учествуваше деканот на Факултет за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Владимир Атанасовски, кој говореше за улогата на академијата во процесот на дигитална трансформација и за тоа како преку INNOFEIT EDIH се руши традиционалниот јаз помеѓу науката и реалниот сектор. Тој потенцираше дека факултетот и експертскиот тим стојат на располагање на компаниите членки на ССКМ со конкретни услуги, техничка експертиза и пристап до современа инфраструктура.

Во дискусијата се вклучија и г-дин Ненад Фидановски, член на Управниот одбор на ССКМ и претставник на ИТ секторот, кој ја нагласи неопходноста од дигитална трансформација како предуслов за опстанок и раст на компаниите, како и проф. д-р Љупчо Јаневски, кој зборуваше за примената на дигиталните алатки и Big Data во туризмот и важноста од навремена адаптација кон новите пазарни трендови.

Презентацијата на INNOFEIT EDIH беше претставена како практична манифестација на таканаречениот „knowledge triangle“ – модел кој ги обединува образованието, истражувањето и иновациите со бизнисот и јавниот сектор. Преку ова партнерство, ССКМ се позиционира како клучен посредник кој го олеснува целиот процес за компаниите – административно, организациски и стратешки.

Со оваа панел-дискусија, „Денот на коморите“ уште еднаш ја потврди својата улога како платформа за размена на идеи, иницирање соработки и креирање на заедничка визија за дигитална и конкурентна економија. Проектот INNOFEIT EDIH беше јасна порака дека иднината на македонските компании лежи во знаењето, иновациите и заедничкото делување.

Можеби ќе те интересира...

Заедно да придонесеме за економската стабилност на Македонија

Контакт инфо.