Предизвиците со кои секторот беше соочен во последната година и мапирање на идните чекори кои е неопходно да се преземат со цел подобрување на условите за работа и зголемување на пласманите беа фокус темите кои се дискутираа на седница на Собрание на Индустриска комора на Македонија.

На седницата м-р Трајан Ангеловски, косопственик и извршен директор на компанијата за производство, трговија и развој на врзувачки елементи „Ариљеметал“ беше избран за претседател на Индустриска комора. Ангеловски е долгогодишен член на Управниот одбор на Комората, а успешно раководи со „Ариљеметал“ повеќе од 10 години.

„Ариљеметал“ како лидер на пазарот во сегментот на производството, трговијата и развојот на врзувачките елементи, успешна соработка остварува со гигантите од автомобилската индустрија од Германија, Франција, а интензивно делува и на Азискиот пазар.

Ангеловски истакна дека во мандатот ќе се посвети на делување за креирање на политики за отстранување на бариерите за работа.

„Во наредниот период ќе работиме на создавање на подобра бизнис клима за компаниите од индустрискиот сектор, преку интензивирање на соработката со надлежните институции во поглед на прилагодување на законската регулатива и модернизирање на постапките и процедурите, како и преку унапредување и продлабочување на соработката со релевантни меѓународни институции и организации“, истакна Ангеловски.