Министерството за економија објавува известување за тоа како ќе се имплементира последната одлука за воведување на рестриктивни мерки во туристичко-угостителскиот сектор.

Согласно новите рестриктивни мерки, угостителските објекти (кафетерии, ресторани, барови, клубови, како и угостителските делови во хотели, мотели, хостел, пансион или на бензински станици) почнувајќи од денеска до 20-ти април, се затвораат за посетители/гости. Тоа значи дека во објектите не смее да се служи храна и пијалок, не смее да се примаат гости, но сите угостителски објекти можат да работат за он лајн нарачки и достави до дома и после 20 часот. Угостителските објекти за сместување, можат да служат храна во рестораните исклучиво за нивните гости (гости кои имат резервација за спиење во хотелот и се заверени во книгата за гости). Работното време на рестораните во склоп на хотелите исклучиво за нивните гости не е ограничено, односно истите можат да работат и после 20 часот.

Останува опцијата и да овозможат подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект на штанд или пулт, до отпочнување на забраната за движење односно до 20 часот. Секако, доколку вршат достава до дома треба да имаат дозвола за движење.

Забраната за движење до 20 часот, не е врзана со работното време за коешто е регистран да работи еден угостителски објект, доколку истиот има он лајн нарачки и врши достава до дома. Но, не смеат да примаат посетители.

Во однос на казината и автомат клубовите, дозволено е да работат за работното време за коешто се регистрирани, но не смеат да служат храна и пијалок, односно забранета е работата на угостителскиот дел. А обложувалниците, својата дејност ќе ја извршуваат икслучиво преку давање на услуга преку шалтер/пулт, односно ако угостителскиот дел во обложувалниците е затворен.