ПЗУ ќе може да користат средства од Фондот за иновации

Фонд за иновации и технолошки развој и Влада на РСМ одржаа инфо сесија и презентација на Инструментот за кофинансирани грантови за комерцијализација на иновации. Инструментот кој е дел од вториот повик од Планот за економски раст на Владата (ПЕР) е наменет за сите микро, мали и средни претпријатија како и приватни здравствени установи (ПЗУ) со доминантна домашна сопственост кои сакаат да развијат иновативен производ, услуга или процес. Со ова барањето на Сојузот од минатата година за вклучување на ПЗУ во програмите од Планот за економски раст се реализира, истакна Тања Дејаноска, член на Управен одбор во Сојузот.

Условите за добивање на финансиите со повикот, објавен на крајот на минатиот месец и ќе биде отворен до 15 мај, денеска беа претставени пред стопанските комори во државава кои воедно слушнаа искуства на компании корисници на средства од претходниот повик на ФИТР.

Пет милиони евра од кои 3 од буџетот и 2 милиони со заем од Светската банка обезбеди Фондот за иновации за големи, средни и мали компании кои ќе може да аплицираат за грант од максимум 350 илјади евра, за да ги подобрат своите капацитети. Вицепремиерот Кочо Анѓушев рече дека при изборот на најдобрите проекти за иновативност, ќе одлучуваат две експертски комисии.

„Првиот филтер ќе треба да го поминат кај комисија составена од домашни експерти, а крајниот збор ќе го има втората комисија која е составена од 5 странски експерти. За средни претпријатија, кофинансирањето изнесува 60%, а останатите 40% ги дава компанијата, малите и микро претпријатијата добиваат помош со 70% со цел да ги охрабриме да ги подобрат своите ресурси. Крајната цел е овие компании да станаат конкуренти на пазарот, односно извозно ориентирани и препознаени на странските пазари“, рече Анѓушев.

Тој појасни и дека целиот процес ќе го следи номинирана ревизорска компанија која ќе биде задолжена за тоа дали доделените средства се применуваат во согласност со предложениот проект.

Јован Деспотовски, директорот на Фондот за иновации информираше дека досега формуларот за апликација го пополниле околу 300 компании. Во однос на прашањето дали ќе се спроведува контролен механизам за вмешаност на функционери во сопственичката структура на компаниите, Деспотовски рече дека фирмата при поднесување на документите е должна да приложи изјава со која потврдува дека во сопственоста нема вклучен носител на јавна функција. Но, ако има, тие нема да бидат дисквалификувани, туку ќе бидат дополнително проверувани.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here