Потпишан договор за соработка меѓу Комората на сметководители и на проценувачи

Креирање на платформа за заедничко делување со особен акцент за подобрување на квалитетот на работа, на националната легислатива, како и унапредување на демократските процеси од сферата на  взаемен интерес се дел од целите на договорот официјално склучен меѓу Комората на сметководители на Македонија при ССК и Комората на проценувачи. Договорот го потпишаа  претседателот на Комората на сметководители, Драган Митковски и претседателот на Комората на проценувачи, Антонио Георгиев.

Комората на сметководители на Македонија, во континуитет со договори за соработка ги зацврстува деловните релации национално и интернационално.

„Денес, потпишавме договор со Комората на проценувачи, со што го означивме почетокот на нашата официјална соработка.  Еден од нашите главни приоритети ќе биде насочен и кон развој и мотивирање на младите преку одржување на стручни обуки со цел развивање на потребните вештини.

По примерот на европските земји ќе се вложиме за примена на европските практики во начинот на работа со цел подигнување на угледот, и конкурентноста како на сметководителите, така и на проценителите.  Промоција на Европската легислатива, Европски законски одредби, стандарди и регулативи и развој на заедничко учество на меѓународни проекти за квалификација, обука и истражување  од Европските и националните фондови ќе бидат ставени во фокусот на заедничката соработка“, изјави Митковски и додаде дека  дополнително ќе се развива и унапредува соработката со цел придонес за понатамошен развој и јакнење на економските врски помеѓу  дејностите на двете комори.

Претседателот на Комората на проценувачи, Антонио Георгиев истакна дека со овој договор и зацртаните цели за  реализација во периодот кој следи ќе се придонесе кон унапредување на работата на двете комори и членовите кои се занимаваат со овие дејности.

„Верувам дека денешниот договор е само почеток на добрата и плодна соработка која ни претстои.  Нашето поле на работа ќе биде насочено кон промоција и имплентирање на меѓународни стандарди во областа, се со цел да го подигнеме нивото на квалитет на вршење на дејностите согласно прецизно воспоставени практики и норми на работа.

Континуираниот професионален развој е обврзувачки за секој облик на сертификација за квалитетен проценувач.

Наша заедничка заложба како комори е следење на примерот на европските земји, и  примена на европските практики во начинот на работа со цел подигнување на угледот и конкурентноста на дејностите“, изјави Георгиев и додаде дека квалитетот при вршење на процена,  е од интерес на граѓаните и на деловната заедницата како и на сите оние кои се засегнати директно од потребата да добијат одредена услуга од овластените проценувачи.

Комората на проценувачи е формирана во 2012 година и во континуитет се грижи за зачувување на угледот и честа при вршење на работите на процена со цел нивно совесно извршување во согласност со Законот за процена и други закони, Методологија на процена, Кодексот на етика на проценувачите и дополнителни акти поврзани со дејноста.