Продолжија настаните од активноста ‘’Отворени денови’’ кој Сојузот на стопански комори го реализира со претставници од државните институции во насока на зголемување на информираноста на деловните субјекти и поголема предвидливост во превземањето на деловните активности. Гостин во отворените денови овојпат беше г-ѓа Весна Томовска, главен инспектор од областа на работни односи во Државниот инспекторат за труд. Настанот се одржа онлајн преку платформата ZOOM. .
Извршната директорка на Сојузот на стопански комори г-ѓа Христина Стојановиќ во своето воведно обраќање истакна дека регулирањето на правата и обврските кои произлегуваат од работните односи се секогаш актуелна тема која пробудува особен интерес кај претпријатијата, особено во динамичното деловно опкружување кое го наметна корона кризата а кое со себе носи промени на пазарот на трудот и појава на нови форми на работа кои наложуваат побрзо адаптирање како од страна на работниците, така и од страна на работодавачите. Динамичноста на материјата за работните односи беше потврдена и од страна на г-ѓата Томовска која потенцира дека во обостран интерес е комуникацијата помеѓу Државниот инспекторат за труд и приватниот сектор да се интензивира во иднина, што би резултирало како со доследно и сеопфтано спроведување на Законот за работни односи, така и со предлагање на нови законски решенија кои ќе бидат во чекор со новите потреби во областа на регулирањето на работните односи.
Интресот на претставниците на компаниите за поставување прашања беше на особено високо ниво, што само ја потврди динамичноста на оваа материја. Прашањата се однесуваа на договорите за вработување на определено и неопределено време, за начинот на регулирање на платените отсуства во услови на корона криза, за регулирањето на пробната работа, за електронското евидентирање на работното време, за делот на обврските кои прозилегуваат од безбедноста и заштитата при работа и останати прашања кои ги опфаќа материјата на работните односи.