Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија г. Трајан Ангелоски учествуваше како говорник на денешната работилница на тема: „Дигитална трансформација, податоци и вештачка интелигенција во Западниот Балкан” организирана од страна на Заедничкиот истражувачки центар на Европската Комисиja, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите Нации (FAO) и Глобалното управување со гео-просторни информации на Обединетите Нации (UN GGIM).

„Сојузот на стопански комори на Македонија и воопшто бизнис секторот е целосно ангажиран во процесот на дигитализација бидејќи за нас дигитализацијата е прашање од круцијално значење за опстанокот на нашите компании. Верувам дека целата деловна заедница како и сите национални институции  ќе дадат се’ од себе за доследно и брзо да ги имплементираат новите дигитални технологии. За мала држава како што е Македонија, со мал БДП по глава на жител, дигитализацијата претставува уникатна можност преку која можеме да ги забрзаме економскиот раст и развој – ако сакаме економски да зајакнеме, ќе мора доследно да ги спроведеме новите дигитални технологии на најдобриот можен начин” – истакна г. Ангелоски.

Целта на работилницата е да се утврдат сегашните капацитети и можностите на земјите од Западен Балкан да се вклучат во остварување на амбициите што ги има Европската Унија, а тоа е да стане светски водечки регион за развој и користење на вештачката интелигенција, која би била етичка и безбедна, а во центарот би бил човекот.