Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, г. Трајан Ангелоски учествуваше на онлајн состанок за влијанието на енергетската криза врз приватниот сектор и изнаоѓање потенцијални решенија, кој беше организиран од Канцеларијата на Светска банка во Скопје.
Претседателот на ССК во рамки на дискусијата истакна дека од особена важност е да се воспостави систем кој ќе обезбеди услови за навремено информирање и планирање на инвестициите во енергетика од страна на компаниите.
“Потребна ни е јасна национална стратегија за управување со обновливите избори на енергија согласно која ќе бидат воведени процедури кои ќе ги мотивираат компаниите да инвестираат, наместо моменталните долги административни процеси во кои се бара и документација која не е директно врзана со обновливите избори на енергија. Дополнително, компаниите моментално се соочуваат со предизвици и од аспект на стабилност бидејќи голем број на компании кои добавуваат енергија ги откажуваат договорите, па дури и ги затвараат претпријатијата. Користењето на фотоволтаици се иднината за економски раст на компаниите, поради тоа од суштинско значење е креаторите на политиките да го олеснат процесот за нивно воведување и дадат поддршка без правни дилеми и ограничувања кои моментално се јавуваат во рамки на Законот за финансиска поддршка на инвестиции” истакна г-н Ангелоски.
На состанокот присуствуваа и извршниот директор на Стопанската Комора на Северозападна Македонија, претставници на компании и претставници од технолошко-развојните зони кои ги истакнаа предизвиците со кои се соочуваат во рамки на своето работење, предизвикани од енергетската криза, а дискутираа и за постоечката национална инфраструктура и нејзино унапредување, како и зајакнување на синџирот на добавувачи и оправданоста од процесот на гасификација.
Сојузот на стопански комори на Македонија изминатиот период спроведе и анкета за влијанието на енергетската криза врз работењето на компаниите членови и согласно резултатите повеќе од 88% од компаниите се соочуваат со над 70% пораст на цената на сметките за енергија. Над 93% од компаниите сметаат и дека е неопходно да има владини мерки за поддршка на приватниот сектор за справување со енергетската криза, и тоа во насока на инвестиции во обновливи извори на енергија, даночни олеснувања, субвенции на разликата во цената итн. Дополнително, анкетата укажува и на фактот дека пораст на трошоците компаниите имаат и во однос на транспортсните услуги и репроматеријатите.