Владата на РСМ на 20-тата седница донесе Одлука за замрзнување на цените на основните продукти и тоа на леб, сол, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови и дезинфекциони средства со состојба на денот на прогласување на пандемијата од Светската здравствена организација (СЗО), освен за оние за кои има доказ дека се зголемени влезните фактури.
Оваа одлука влегува со сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, и е усвоена со цел да не се злоупотреби моменталната состојба на пазарот и да се заштитат потрошувачите во услови на зголемена побарувачка на пазарот за овие производи, предизвикана со прогласувањето на пандемијата од СЗО.
Владата го задолжува Министерството за економија веднаш да достави предлог за ослободување 100% од царински давачки за производите брашно од пченица, масло сончогледово, бел шеќер, сапуни, детергенти, облека и прибор за облека, пелени за деца и возрасни, марамчиња, рачни крпи во ролни, маски пластични со текстилен филтер, прекривки текстилни за хируршка употреба, одело хируршко од хартија, маски хартиени, одело заштитно гумено, ракавици гумени, хируршки и останати, одело хируршко текстилно, варикина и останати средства за дезинфекција, асепсол, медицински алкохол, и заштитни наочари.
Владата ја разгледа и усвои Информацијата за увоз и извоз на прехранбени производи. Во информацијата се истакнува дека работната група сочинета од претставници на Министерството за финансии, Министерството за економија, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за надворешни работи и Царинската управа предлага да се воведе забрана за извоз на пченица и брашно од пченица кон сите земји за неограничено време, и ги задолжи Министерството за економија, Министерството за земјоделството, шумарство и водостопанство и Царинската управа, да ги преземат сите неопходни активности со цел спроведување на оваа мерка.