Ланецот на супермаркети Тинекс од 17ти декември ја отвори својата прва електронска продавница E-Tinex, која претставува најсовремена онлајн продавница за малопродажба во Македонија, со широка понуда на производи достапни за купување од дома или било која друга локација.
E-Tinex продавницата располага со асортиман од 6000 производи поделени во 22 групи кои опфаќаат различни категории на производи како основни производи, овошје и зеленчук, месо и сувомеснати производи, млечни производи, готови јадења, средства за хигиена и чистење, прозиводи за домот и др. Дополнително, електронската продавница им овозможува на членовите на Мој Тинекс програмата за лојалност да собираат и користат поени и при секое онлајн пазарење, преку поврзување на нивната поен+ картичка со корисничкиот профил.
Засега, доставата на производи ќе се врши само на територија на Скопје, но постои можност за проширување на дистрибутивната мрежа во иднина, во зависност од побарувачката и интересот на нивните купувачи од останатите градови.
Со отворањето на електронската продавница, Тинекс ја заокружи успешната година во која оствари повеќе значајни достигнувања и проекти како отворањето на сопствен логистички центар во индустриската зона Чојлија, започнувањето на Мој Тинекс клуб програмата за лојалност и отворањето на новиот трговски центар Лиса во населба Ново Лисиче.
“Нашата компанија постои веќе 24 години и е фокусирана кон континуирано унапредување на своето работење, со цел оддржување и зајакнување на односите со своите потрошувачи. Да се задржи лидерската позиција сите овие години за нас претставува предизвик, но и мотивација, која не поттикнува постојано да превземаме нови чекори со кои ќе одговориме на потребите на пазарот и ќе го осигураме своето место на врвот. Свеста на потрошувачите за електронското пазарење во нашата земја е во подем и сметаме дека со нашата електронска продавница ќе може да допринесеме кон развој и приближување на нашиот пазар кон светските трендови во малопродажбата. Преку отворањето на наша електронска продавница направивме уште еден чекор напред кон модернизирање на купувачките навики во Македонија.“- изјави Цветанка Христовска, бренд директор на Тинекс.