Доделени наградите Претприемач на годината – 2018

Со цел поттикнување на претприемачкиот дух преку промоција на успешни примери, се доделија престижните награди „Претприемач на годината 2018“ за најуспешните претприемачи на микро и мали претпријатија во земјата.

Во категоријата мали претпријатија првата награда му припадна на Ваљон Купа, менаџер на компанијата Евита Груп од Дебар, а втората на Филип Ристевски, менаџер на компанијата Пиксел од Скопје.

Првата награда во категоријата микро претпријатија му е доделена на Сашко Андонов, менаџер на компанијата Течко Нет од Кочани, а втората на Александар Билјаноски, менаџер на компанијата Мое Студио Дадар од Скопје.

Наградите ги доделија министерот за економија, Крешник Бектеши, претседателот на Сојуз на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска, претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Неби Хоџа, и Лазар Неданоски, раководител од Македонската развојна фондација за претпријатија.

Претселекцијата за изборот на „Претприемач на годината 2018“ беше направена врз основа на податоците од Централниот регистар на Република Македонија. Во периодот од 2015 до 2017 година вкупно 112 микро и мали претпријатија ги исполнија критериумите за избор и имаат реализирано континуиран раст во број на вработени, вкупните приходи, добивка и инвестиции. Најдобрите претприемачи беа контактирани и вклучени во процесот на избор преку пополнување на прашалник, посета на терен, анализа и оценка според однапред утврдени критериуми (посветеност на обуки, маркетинг и стратегија за раст, инвестиции во опрема и истражување, развој и иновации и др.).

Наградите во рамки на манифестацијата „Претприемач на годината“ оваа година се доделија по 12-ти пат, а наградените претприемачи во двете категории добија статуетки, плакети и пакети услуги од организаторите.

Главни организатори на Претприемач на годината 2018 се Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) и Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ). Ко-организатор е Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење. Институционален покровител е Министерството за економија на Република Македонија. Спонзор на настанот е Штедилница Можности.