Без соодветни мерки за поддршка, рентакар секторот пред целосен колапс

Рентакар компаниите иако претставуваат значаен сегмент на стопанството и придвижуваат неколку други дејности, во услови на криза оставени без соодветна финансиска помош се соочени со опасност од целосен колапс на секторот, реагира Групацијата на рентакар компании при Сојузот на стопански комори на Македонија.

Почнувајќи од март, кога започна пандемијата која ги затвори аеродромите и границите нашата гранка доживеа огромен пад во работата со што се најдовме во групата на најзагрозени дејности во државата. Падот за 2020 година е поголем од 80 отсто со што се доведува во прашање понатамошното егзистирање на нашата дејност. Соочени со многу големи режиски трошоци како закуп на шалтери на аеродромите, регистрирање на возилата со дополнителен доплаток на осигурување од 100 отсто, задолжително вадење на зелен картон при регистрација, губење на вредност на капиталот, амортизација на возилата, се доведуваме во ситуација да не можеме да ги испочитуваме нашите обврски за одржување на деловната активности“, изјави Рамадан Идризи, претседавач на Групацијата на рентакар компании.

Работата на овој сектор во последните години е отежната и поради проблемот на нелојалната конкуренција. Имено додека регистрираните компании имаат големи трошоци за да го задржат високиот стандард и квалитет на услугата и да им парираат на компаниите од европските држави, има огромен број на нерегистрирани субјекти, како плацови за продажба на возила, каде приватни лица кои поседуваат по неколку возила без притоа да ги исполнат законските услови  настапуваат на пазарот и земаат голем дел од работата.

Соочени со негрижа за оваа дејност од страна на надлежните институции кои треба да постават механизми за сузбивање на сивата економија, рестрикции за вршење на дејноста кои ги наметна кризата како и несоодветните економски мерки за поддршка на секторот бараме итно Владата да ги разгледа состојбите и да обезбеди неповратна финансиска помош за овие компании како и да изготви посебен пакет на мерки прилагоден на специфичноста на дејноста со цел да се спречи целосен колапс на оваа стопанска гранка без можност за понатамошна егзистенција“, изјави  Владимир Граматиков,  претседател на Туристичко-угостителската комора.

На територијата на град Скопје има регистрирано повеќе од 50 рентакар компании, а во целата држава бројот надминува 200 компании. Во минатата 2019 година овие компании оствариле вкупен прилив на девизи од странство во висина од над 20 милиони ера. Тие се меѓу најголеми купувачи на нови возила во земјава. Минатата година овие компании ги набавиле 31 отсто од вкупниот број на продадени нови возила во државата. Истовремено преставуваат значаен сегмент во работењето на центрите за сервис бидејќи рентакар возилата неколку пати годишно се сервисираат во овластен сервис. Значаен удел имаат и во увозот на пневматици бидејќи почитувајќи го постоечкиот закон и грижејќи се за  безбедноста на клиенти остваруваат огромен промет во набавката и промената на летни и зимски пневматици.