СООПШТЕНИЕ ДО ЈАВНОСТА : Компаниите од здравствениот сектор при ССКМ ја поддржуваат истрагата на Финансиската полиција и повикуваат на целосна транспарентност
Компаниите од здравствениот сектор, членки на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ), ја изразуваат својата целосна поддршка за акцијата на Финансиската полиција во врска со случајот против поранешниот претседател на Стоматолошката комора, Марјан Денковски, во кој се истражуваат сериозни наводи за неправилности, вклучително и склучување договори со непостоечки здруженија.
Според компаниите, ваквите сомнежи, доколку се потврдат од надлежните институции, претставуваат сериозен удар врз кредибилитетот на здравствениот систем и ја нарушуваат довербата кај здравствените работници и пациентите.
Оттаму, се поздравува решителноста на институциите за спроведување темелна, независна и транспарентна истрага, со цел целосно утврдување на фактите и одговорноста.
Компаниите од здравствениот сектор при ССКМ нагласуваат дека остануваат доследни на принципите на законито, етичко и одговорно работење, и даваат поддршка на сите процеси што придонесуваат за зајакнување на интегритетот, отчетноста и професионалните стандарди во здравствениот сектор.
