Сојузот на стопански комори на Македонија со гордост информира дека винаријата „Венец“, кој е негов истакнат член, е добитник на златен и на сребрен медал на пролетното издание на престижниот натпревар на вино „Мундус Вини“. Виното „Вранец Орле“ берба 2019 година го освои златото, а виното „Темјаника Кориjа“ берба 2021 година е закитено со сребрен метал. Фестивалот се одржа по 30 пат од 22-27 февруари 2022 година во Германија.

„Овие награди значат промоција и афирмација на македонското вино кое според својот квалитет е на исто рамниште со големите светски производители. Виното покрај економските придобивки на земјата во себе носи и симболична вредност поврзана со традицијата и историјата што го прави и најдобар бренд амбасадор на земјата. Препознавајќи го овој потенција потребно е во производство на грозје и на вино во нашата земја многу повеќе да се инвестира и истото да се афирмира на надворешните пазари бидејќи има големо извозно трговско значење. Ако тоа се направи успехот е неминовен“, изјави Кире Ристов, енолог и одговорно лице во винарија „Венец“.

Виното „Вранец Орле“ потекнува од истоимениот микролокалитет Орле каде се наоѓа и лозовиот насад на 600 м.н.в. Лозјето е старо повеќе од 22 години и се одликува со уникатен карактер кој го одликува тероарот на Дисанијата со  интензивна темно-црвена боја, овошен арома на зрели капини и сливи. Виното е одлежано 18 месеци во 228 литарски француски дабови буриња.

Виното „Темјаника Корија“ исто така потекнува од истоимениот микролокалитет Корија кој се наоѓа во атарот на селото Долни Дисан на 400 м.н.в. Лозовиот насад е стар повеќе од 17 години кој го изразува унникатниот карактер на самиот тероар во Дисанијата за сортата Темјаника. Се одликува со светло-жолта боја, арома на свеж босилек и бозел и го прави вкусно и возбудливо за пиење .

Винарија „Венец“ произведува вино од 1952 година и користи различни рачно изработени, рафинирани техники и со тоа создава традиција повеќе од 50 години за подготовка на вина, а во процесот на обработка посветува особено внимание. Вината на „Венец“ предизвикуваат пријатно искуство и ги оживуваат сетилата со подобрување на аромите и текстурите, притоа откривајќи го уникатното грозје. Компанијата минатата година доби признание за „Македонски квалитет“, кое го доделува Сојузот на стопански комори и Претседателот на РСМ.