ТУК ја поздрави одлуката за овозможување работа на угостителските објeкти

0
216

Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори ја поздравува одлуката на Владата од 1 јули да се дозволи редовна работа и во затворените простории на угостителските објекти, вклучително и за организирање прослави и настани, што беше донесена на иницијатива на ТУК, а во соработка со поддршка на Министерството за економија, кое во изминатиот период покажа капацитет за конструктивна соработка во интерес на секторот. На истиот начин беше донесена и мерката за еднократна финансиска помош за регистрираните претпријатија при што ТУК во соработка со Министерството за економија дејствуваше за креирање помош која во време на криза им е неопходна на претпријатијата.

„Во изминатиот период се постигна значајно подобрување на епидемиолошката состојба во земјата, што сметаме дека дозволи да се отстранат рестриктивните мерки кои постоеја повеќе од една година со цел да се спречи ширење на Ковид-19. Угостителските објекти ги усвоија новите протоколи за работа и се подготвени за пружање на своите услуги во безбедни услови со што ќе се повторно постигне воспоставување на деловната активност која порано постоеше со цел нормализирање на социјалната интеракција во општеството“, истакна Владимир Граматиков, претседател на ТУК.

Туристичко-угостителската комора и понатаму продолжува да биде активен учесник и партнер на надлежните институции во справување во сите предизвици, како и во креирање на мерки, активности и политики кои ќе креираат подобро деловно окружување за туристичко-угостителскиот сектор. Тесната соработка на институциите и коморите се покажа како еден од главните фактори за креирање на одржливи решенија на проблемите.

Туристичко-угостителскиот сектор беше еден од најпогодените сектори од здравствено-економската криза, а за надминување на последиците со кои се соочува ќе треба подолг временски период и поголема ангажираност од надлежните институции. Ова е сектор кој има голем потенцијал за развој, што треба да се стави во функција за постигнување на побрз раст во постпандемискиот период.