Сметководителите со општествена одговорност инвестицираат за подобро утре

Комората на сметководители на Македонија, при Сојуз на стопански комори продолжува со организираните акции за практикување на општествена одговорност во услови на пандемија. Со симболичен гест, денес Комората на сметководители во знак на официјален почеток на долгорочна соработка, донираше за ресторанот „Амбрела“, кој од самото отворање креира успешна приказна рушејќи ги бариерите и поместувајќи ги границите во нашето општество вработувајќи лица со попреченост.

Општествената одговорност не треба да се гледа како трошок, туку како инвестиција за подобро утре и првенствено значи да ги извршуваме нашите задачи најдобро што умееме. Тоа е нашата примарна одговорност кон општеството и тоа е најдобрата основа на која ги надоградуваме сите останати активности преку кои се обидуваме да го подобриме квалитетот на животот во средината во која работиме. Силно веруваме дека ние треба да сме промената која што сакаме да ја видиме во светот, давајќи примери преку креирање акции кои ја надминуваат сферата на нашата работа и ја истакнуваат нашата свест за општествена одговорност, посебно во услови на моменталната криза која ја живееме“, изјави Драган Митковски, претседател на Комората на сметководители и додаде дека заедно со ресторанот „Амбрела“, првиот кој вработува лица со попреченост во иднина, кога условите ќе дозволуваат ќе ја продлабочува соработката и поддршката.

Менаџментот на ресторанот „Амбрела“ истакнувајќи ја благодарноста за соработката со деловната заедница, потенцира дека општествена одговорност во земјава се практикува и дека секоја акција и внимание во услови на пандемија е од голема значење за непречено работење на компаниите.

Ресторанот Амбрела се адаптира на новите услови на работа и продолжува со силните заложби за подигнување на свеста за општествената одговорност на институциите и приватниот сектор во земјата за децата со посебни потреби“, изјави Гоце Ивановски, менаџер.

Од почетокот на пандемијата, Комората на сметководители на Македонија при Сојузот на стопански комори, континуирано делува за поддршка и помош на оние кои во услови на здравствено економска криза им е најпотребна. За Институтот по белодробни заболувања кај децата Козле, Сојузот, обезбеди тунел за дезинфекција и дополнителни средства за заштита како и  дигитален пулт за бесконтактно мерење на температура и за дезинфекција, што е особено важно бидејќи се работи за деца со респираторни проблеми и белодробни заболувања и нивната заштита од вирусот е од исклучително значење.

Дополнително организираа бројни кампањи и акции за обезбедување опрема за ранливите категории, а се ставија на располагање на државните институции за про боно помош особено за анализа на флуктуациите во економијата и изготвување на акциски план.

Комората на сметководители ги поканува сите свои членови, соработници и пријатели да го посетат Амбрела и да придонесат за рушење на бариерите и границите во нашето општество.