Потребно е системско поместување на роковите за финансиски извештаи по примерот на европските земји

0
153

Сметководството е врската меѓу стопанството и институциите, а од неговото непречено извршување зависат сите економски процеси. Анкетата што ја направи Комората на сметководители меѓу своите членови покажа дека речи 65 отсто од сметководителите биле заболени Ковид-19 или биле во изолација поради контакт или заболен член на семејството. Од Комората потенцираат дека во такви услови е јасно дека не е возможно работата да се одвива непречено и повторно се поставува прашањето дали ќе се донесе разумна одлука за роковите за поднесување на завршни сметки и финансиски извештаи да се усогласат со европските држави или и понатаму ќе продолжи да се гази достоинството на оваа значајна професија и да се ризикува со добивање на податоци чиј квалитет не може да се гарантира поради условите под притисок под кои работат сметководителите. Од овие податоци во голема мера зависи креирањето на финансиските политики на национално ниво.

Изминативе денови Комората на сметководители спроведе онлајн анкета, која покажува дека дури 49.2% од испитаниците биле заболени од корона од почетокот на пандемијата, од кои 54,1% се токму во најкритичниот период за нас, од декември 2020 до март 2021. Или, ако овој податок се проектира според репрезентативниот примерок на вкупниот број од регистрираните сметководители кои се околу 10.000, заболени биле 4.920 колеги, од кои 2.660 токму во критичниот период. Воопшто не е за занемарување бројката на сметководители кои иако не биле заболени, биле во изолација поради контакт или заболен член од семејството.

„Сумарните бројки покажуваат дека дури кај 64,8% од сметководители, се изјасниле дека се соочиле во сериозно нарушување на текот на работењето поради вирусот. За какви статистички податоци кон Европската Унија зборува министерот, кога поради нивната игнорантност години наназад цела професија тивко умира и просекот на возраст на лицата во професијата е над 50 години“, изјави Александра Андреева, член на Управниот одбор на Комората на сметководители.

Пренесуваме дел од коментарите кои ги добивме од сметководителите на анкетата: „Во врска со Вашиот повик за доставување решенија за изолација поради Ковид-19, во прилог Ви доставуваме решенија за 2 од 3 вработени“, „Од 16.02 сум хоспитализирана и сеуште сум во болнички услови вработена во сметководство“, „Врз основа на Вашиот апел за крајно сериозната ситуација во која се наоѓаме ние сметководителите, од вкупно 7 вработени, 5 сме во изолација и со тоа сме оневозможени непречено да функционираме во период на истек на рокот за поднесување годишни сметки“, „Оваа ситуација веќе станува алармантна. Од 6 луѓе останавме на тројца, едноставно физички не се стигнува“, „Вчерашниот ден ќе биде запаметен. Во 17 часот на само 46 годишна возраст беше погребан наш колега, жртва на Ковид19“.

„Вака звучат само неколку од многу бројните пристигнати пораки до Комората на сметководители. Она од кое се плашевме и за кое Комората апелира уште од ноември 2020 година кога баравме средба со министерот за економија, за жал секојдневно се остварува пред наши очи. Средбата до денес се нема случено, а институцијата остана глува за сите аргументирани барања на сметководителите“, изјави Андреева.

Од Комората на сметководители потсетуваат дека спроведувањето на сите економски мерки за справување со последиците од здравствено – економската криза предизвикана од Ковид – 19, беше токму на товар на сметководителите.

„Обврските многукратно се зголемија, а и самите соочени со болеста, знаевме дека навременото, точно и квалитетно изготвување на овие годишни сметки ќе биде претешка мисија. Од овие причини во неколку наврати од Министерството за економија, Владата и сите пратенички групи, се бараше промени во Законот за трговски друштва, во делот на роковите за поднесување годишни сметки, но ниту една од повиканите институции не одговори на барањето. Откако помина разумно време за спроведување на законски измени, повторно се побара од Министерството за економија да се пролонгираат роковите согласно член 477 од Законот за трговски друштва. Одговор се уште нема иако минатата година институциите се повикаа токму на овој член кога на 13.03 го продолжија рокот за поднесување на завршни сметки и финансиски извештаи до 24.03. Дали и оваа година, како знак на демонстрирање политичка сила повторно ќе се чека до 13.03 за да се донесе одлуката за одложување, а во меѓувреме ќе трае процесот на изживување врз сметководителите, газење врз нивниот дигнитет изложувајќи ги на континуиран стрес“, изјави Андреева.