Охридска банка Сосиете Женерал е добитник на националната награда за најдобри општествено одговорни практики во 2018 година, во категоријата за однос кон животната средина, што ја доделува Министерството за економија и Координативното тело за општествена одговорност на претпријатија. Покрај националната награда, Банката се закити и со две национални признанија за најдобри општествено одговорни практики во 2018 година.

Проектот „За чист град, пазари со нашата МастерКард“ ѝ ја донесе националната награда на Охридска банка во категоријата однос кон животната средина, а концептот на истиот беше наградна игра во која седумдесетте победници добија велосипеди. Пораката која ја носеше проектот беше дека велосипедите се директно решение во борбата за почист град и почист воздух. Наградната игра се спроведе во периодот декември 2017 – февруари 2018.

Освен наградата, Охридска банка Сосиете Женерал доби национални признанија за најдобри општествено одговорни практики за проектите „Култура и однесување“ во категоријата етичко управување и „Натпревар за најдобра бизнис идеја – Чиста 10-ка“ во категоријата вложување во заедницата. Натпреварот за најдобра бизнис идеја, „Чиста 10-ка“, имаше за цел да го поттикне претприемничкиот дух кај младите во Македонија, а победничката бизнис идеја доби фонд од 10.000 евра за отпочнување на бизнис. Преку проектот „Култура и однесување“, Банката за своите вработени организира обуки за подобрување на односот кон своите клиенти, сѐ со цел да се имплементираат најдобрите практики.

Националната награда за најдобри општествено одговорни практики се доделува по единаесетти пат, а годинава беа пријавени 38 проекти од 25 претпријатија во петте категории. Охридска банка Сосиете Женерал конкурира во сите пет категории. Изборот за национална награда се вршеше помеѓу компаниите кои во Македонија реализирале општествено одговорни проекти или практики во периодот од 1 јуни, 2017г. до 1 јуни, 2018г.