Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, г. Трајан Ангелоски денес учествуваше на првиот виртуелен економски настан “Северна Македонија- дестинација за романските инвеститори” кој е прв од ваков тип а кој беше организиран од Стопанската, индустриска и земјоделска Комора Тимиш (CCIA Тимиш) во партнерство со Амбасадата на Република Северна Македонија во Букурешт.

Настанот имаше за цел да ги претстави деловната средина и поволниот инвестициски потенцијал што ги нуди македонскиот пазар, со цел зајакнување на билатералните економски односи и идентификување на нови деловни и инвестициски можности.

“И покрај тоа што сме географски блиску, економски се’ уште сме доста далеку. Вкупниот обем на трговска размена помеѓу двете земји на крајот на 2020 година изнесува скромни 301,9 милиони евра. Меѓутоа, ова за нас како најголема деловна заедница на Македонија која ги претставува интересите на 24.000 претпријатија не претставува лоша вест, напротив, ние на ситуацијата гледаме визионерски и за нас единствено што е важно е огромниот потенцијал за бизнис соработката и за инвестирање кој постои помеѓу двете земји. Веруваме дека на нашите романски пријатели имаме што да им понудиме за тие да решат да инвестираат и да соработуваат со нас. Во исто време, на романскиот пазар кој за нас е се’ уште недоволно истражен, гледаме како на простор кој допрва треба да го освојуваме”; истакна г-н Ангелоски.

Во рамките на соработката помеѓу двете земји беше договорено и организирање на Романско-Македонски бизнис форум кој би требало да се случи на пролет следната година во Скопје.