Резултатот од секторските здружени реакции и напори, придонесе да се постигне ефектот за отстранување на недостатоците во критериумите кои ограничуваа искористување на економските мерките донесени од Владата во услови на пандемија, беше истакнато на денешната прес конференција на Групацијата на трговци во рамки на Трговската комора на Македонија при Сојуз на стопански комори на Македонија.
Едно од нивните главни барања е прифатено, поточно со вчерашната донесена одлука се отстрани условот, со кој беше предвидено основачи и управители вработени да не можат да ја користат мерката, во насока на заштита на микро и малите фирми. Главната цел на компаниите погодени од здравствено економската криза е мерките да можат да ги искористат сите на кои навистина им е потребна поддршка.
Катерина Петровска од Групацијата на трговци, истакна дека како мали субјекти, за нив постоеа голем број ограничувачки фактори за да аплицираат за мерките.
„Во секторот трговија работат 114. 240 лица од кои 19.550 не го исполнуваа условот да можат да користат мерки само поради ова ограничување, и како резултат на зеадничките напори, вчера попладне е тргнат овој критериум. Во оваа прилика дозволете да појасниме за јавноста, ние сме се пред се мали семејни компании, кои се занимаваат со трговија на текстил, облека, обувки, сувенири. Самовработени сме и самите сме основачи и управители и затоа беше неопходно ова наше главно барање да биде реализирано. Нашата порака беше јасна критериумите да се прилагодат за најпогодените да може лесно да аплицираат, да се изменат и прилагодат додека не е доцна за да може да ги користат сите на кои им се потребни. Треба да се разгледа и можноста за прекин на пресметката на казнени камати времено и да се одложи плаќањето на придонеси за 3 месеци, со можност за уште 3 месеци во согласност со состојбите. Дополнително наша порака е да се следи ситуацијата на дневна основа, да се слуша гласот на најпогодените, а тоа се претприемачите кои се мали субјекти. Доколку кризата се продлабочи и во овој квартал треба повторно да се разгледа можноста за доделување неповратни средства, бидејќи ние како мали компании не би можеле да се задолжуваме со нови кредити, а досегашните мерки ако се користат ќе треба да се вратат следната година“, изјави Петровска.
Таа додаде дека моментално цената која ја плаќаат трговците, поради принудното неработење е превисока и очекуваат институциите да помогнат за да се надмине кризата без да пропаднат претприемачите што се задолжиле за да се самовработат.
„Сите ние сме имале храброст да излеземе на пазарот на труд, да работиме за себе и нашите семејства зависат од приходите кои ги генерираме. Досега ги почитувавме сите законски прописи како даночни обврзници кои редовно си ги плаќаат обврските кон државата и затоа и нашите очекувања се претставниците на институциите да ни дадат поддршка кога ни е најпотребна“, рече Петровска во името на сите здружени трговци од земјава.