Владата на седницата одржана на 9 март 2021 година донесе Одлука за дополнување на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID -19 (Службен весник на РСМ бр.55/2021 од 09.03.2021 година) со која се забранува движење на населението и на возила од јавен превоз на територијата на Република Северна Македонија во временски период од 22:00-05:00 часот наредниот ден почнувајќи од 10 март 2021 (среда) до 22 март 2021 (понеделник). Заради потребата од одржување на континуитет на работниот процес и организацијата на работата на компанијата во смени и ноќна работа Владата одлучи образецот за дозвола за движење кој беше во употреба во текот на 2020 година да продолжи да се употребува и во текот на 2021.
Дозволата ќе биде потврда за движењето на работникот во услови на ограничено движење и истата ќе треба да се приложи на увид до органите на државата. Дозволата за движење ќе важи исклучиво за лицето на чиешто име е издадена, од компаниите кои се регистрирани за работа во смени. За валидност на дозволата, производствените капацитети и другите компании кои работат во трета и четврта смена во времетраење на полицискиот час, потребно е пропишаниот образец да го вчитаат на нивен меморандум, со потпис и печат од одговорното лице во правното лице.
Образецот и целосната информација за работа за време на полициски час може да најдете на следниот линк.
Ве потсетуваме на законската обврска за пријава на ноќна работа. Имено, согласно член 127 од Законот за работните односи, работодавачот кој користи работници за ноќна работа во ноќна смена меѓу 22,00 часот и 6,00 часот, должен е да ја извести инспекцијата на трудот (Државен инспекторта за труд), Министерството за внатрешни работи и да го достави истиот и на е –маил адресата [email protected]. На [email protected] се доставува список на лица за кои е издаде дозвола за работа во полициски час.