Во насока на континуирано проследување на нови информации кое се однесуваат на стопанството , Сојузот на стопански комори на Македонија Вe известуваме дека Владата на РСМ во „Службен весник на РСМ“ бр. 93/20 објави Уредба со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19 заради исплата на платите за месеците април и мај 2020 година.
Во продолжение даваме краток преглед на истата:
Со оваа уредба се уредуваат условите, начинот и постапката на финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19, заради исплата на платите на работниците за месеците април и мај 2020 година.
Предмет на финансиска поддршка е исплатата на платите на работниците кај работодавачот – барател на финансиска поддршка за месеците април и мај 2020 година, во износ најмногу до 14.500 денари месечно по работник, согласно со работното време на кое е пријавен работникот, намалено за работното време за кое се остварува надоместок на плата кој не паѓа на товар на работодавачот.
За користење на финансиската поддршка, работодавачот-барател на финансиска поддршка треба да ги исполни следните услови:
- Намалувањето на вкупните приходи на работодавачот-барател на финансиска поддршка во месец април 2020 година или во месец мај 2020 година да изнесува повеќе од 30% во однос на месечниот просек на вкупните приходи остварени во 2019 година, а за работодавач-барател на финансиска поддршка кој е запишан во соодветен регистар (основан) после месец март 2019 година, вкупните приходи за месец април 2020 година или месец мај 2020 година да се помали за најмалку 30% во однос на месечниот просек на вкупните приходи остварени од денот на запишувањето во соодветен регистар во 2019 година и месеците јануари и февруари 2020 година. За работодавачот-барател на финансиска поддршка кој врши дејност од сезонски карактер, намалувањето на просечните приходи за последниот сезонски период од 4 месеци споредено со просечните приходи за сезонскиот период од истите 4 месеци во претходната година да изнесува повеќе од 30%;
- Работодавачот-барател на финансиска поддршка да не исплатува дивиденда на сопствениците, како и да нема извршено исплата по основ на награда за деловна успешност (учество во добивка, бонус) или друг вид на годишна награда на вработените и органите на управување и надзор на работодавачот-барател на финансиска поддршка, од денот на влегувањето во сила на оваа уредба, до денот исплатата на платата за месец мај 2020 година; и
- Најмногу 10% од вкупниот број на вработени кај работодавачот-барател на финансиска поддршка да имаат поединечна месечна нето плата над 120.000 денари месечно по вработен, за месецот за кој се бара финансиска поддршка.
- Работодавачот-барател на финансиска поддршка кој на повеќе од 10% од вкупниот број вработени им исплатува поединечна нето плата повисока од 120.000 денари за месецот за кој се бара финансиска поддршка не ги исполнува условите од оваа точка.
Работодавач – барател на финансиска поддршка не може да користи финансиска поддршка за работник доколку:
- Работникот за периодот декември 2019 година, јануари 2020 година и февруари 2020 година, остварил нето плата повисока од 39.900 денари за секој месец одделно, сразмерно на часовите на пријавено работно време;
- Користи субвенционирање согласно со Уредбата со Законска сила за субвенционирање на износ за исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за време на вонредна состојба;
- Користи ослободување од плаќање на данокот на личен доход и придонеси од задолжително социјално осигурување, согласно со Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност; и
- Работодавач за работник со дополнителна работа, согласно членот 121 од Законот за работните односи.
Финансиска поддршка за исплата на платите не може да користи:
- Сопственик/основач на работодавачот-барател на финансиска поддршка, управител, прокурист, односно застапник по закон и членовите на органите на управување и надзор на работодавачот-барател на финансиска поддршка;
- Орган на државна и на локална власт и други државни органи основани согласно со Уставот на Република Северна Македонија и со закон, институција која врши дејност од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и во други дејности од јавен интерес утврден со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи, јавни претпријатија и трговски друштва основани од Република Северна Македонија, општините, градот Скопје и општините во градот Скопје; и
- Приватна агенција за вработување за работник кој е отстапен кај работодавач од претходната точка.
Работодавачот – барател на финансиска поддршка поднесува Барање за финансиска поддршка за исплатата на платите на работниците до Управата за јавни приходи. Формата и содржината на Барањето е составен дел на оваа уредба.
Барањето од работодавачот-барател на финансиска поддршка го поднесува преку системот е-даноци на Управата за јавни приходи до 5-ти во месецот за претходниот месец, а комплетноста на Барањето го потврдува Управата за јавни приходи, во рок од 3 дена од денот на приемот на барањето. Во Барањето работодавачот-барател на финансиска поддршка дава Изјава за исполнетоста на условите пропишани согласно уредбата.
Износот на финансиска поддршка од оваа уредба се исплатува до 13-ти во месецот за претходниот месец на сметка на работодавачот-барател на финансиска поддршка кој ги исполнил условите од од оваа уредба.
Работодавачот со комплетното барање, за работниците за кои побарува финансиска поддршка, во полето 3.23. од МПИН образецот внесува шифра 619. За користење на финансиска поддршка за работниците во исто време со мерката за субвенционирање на придонесите согласно со Законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 239/19), работодавачот со комплетното барање од во полето 3.23. од МПИН образецот работодавачот внесува шифра 621, со која побарува финансиска поддршка/субвенционирање по двата основи.
За времетраење на финансиската поддршка согласно со оваа уредба и четири месеци после нејзиното престанување (заклучно со месец септември 2020 година), работодавачот кој користел финансиска поддршка за исплата на плати има обврска да го задржи истиот број на вработени што го имал за месецот за кој побарал финансиска поддршка за исплата на платите, намален за бројот на вработени заради пензионирање или смрт на работник.
Целосна содржина на Уредба со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19 заради исплата на плати може да ја погледнете на овој линк.
За повеќе информации контактирајте не на Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. или на тел. број 02-3091440.