Претседателот на Градежната комора на Македонија, Ивица Јакимовски како и претставници на компании кои се нејзини членки, остварија средба со премиерот Зоран Заев, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи.

 

Претседателот на Градежната комора, Ивица Јакимовски на средбата истакна дека градежниот сектор како еден од секторите двигатели на македонската економија може да допринесе за излез од кризата и за забрзување на економскиот раст во периодот на опоравување. Јакимовски потенцираше дека итно, без одложување треба да прекине мораториумот за градба во општините бидејќи ја оневозможува работата на градежните компании и тие трпат големи штети. Важно е и да се забрза донесувањето на деталните урбанистички планови во општините каде оваа постапка веќе е започната.

 

Претставниците на Градежната комора апелираа и да се најде решение за проблемот кој постои подолго време, а тоа е непочитување на законските рокови за издавање на соодветна документација и дозволи од страна на општините, со што се кочат градежните проекти.

Градежните компании веќе јавно изразија подготвеност да инвестираат 1 милијарда евра во наредните три години, доколку се создадат услови за да може да работат.