Директна авиолинија со Романија за поголема соработка во туризмот

Претседателот на Туристичко угоститилската комора при Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК), Аркан Керим, потпиша меморандум за соработка со претседателот на Националниот патронат за туристички агенции во Романија Адриан Станчулеску.  На настанот присуствуваше амбасадорот на Романија во Република Македонија, г. Виорел Станила кој даде поддршка на зацврстување на соработата во полето на туризмот меѓу двете земји.  Целта на меморандумот   е      поддршка и промовирање на деловното опкружување во областа на туризмот, како во Романија, така и во Република Македонија, размена на информации во областа на туризмот, зголемување на протокот на туристи и  туристичките понуди, како и можности за искористување на заеднички европски фондови поврзани со туризмот, преку развивање специфични услуги и привлекување директни инвестиции.     

Романија е сериозно заинтересирана да го развива туризмот со Македонија имајќи ја предвид близината на двете земји. Меморандумот кој денес го потпишавме значи дополнителен чекор во зацврстување на соработката меѓу реномираните туристички агенции од двете земји . Тур операторите кои веќе ја имаат вклучено Македонија во нивните продажни каталози детектираат интерес кај Романците за неколкудневен зимски туризам за Македонија но и за Балканот, како и за летен туризам, во Охрид. Наша цел е Романските туристи да ја посетуваат Македонија на ранг на полските и холандските туристи, но за реализација на ова покрај близината меѓу двете земји потребен е по системски приод и директна авио линија“, изјави Керим.

Преку потпишувањето на овој протокол за соработка го остваривме првиот важен чекор кон остварување на соработка помеѓу туристичките агенции од Романија и Македонија, истакна Станчулеску.

Да не заборавиме дека во Македонија се наоѓа балканскиот Ерусалим, прекрасниот Охрид. Како што веќе напоменав, ова е само прв чекор кој што задолжително треба да биде следен од неколку други чекори: Взаемна поддршка кон привлекување европски фондови наменети за перфекционирање на вработените од оваа економска гранка. Во тој поглед, романските компании би можеле да бидат од огромна помош за македонските компании, понатаму отварање нова авионска линија помеѓу Романија и Македонија, со база во Охрид како и взаемна поддршка кон привлекување други пазари, како што предвидуваат истражувањата на Светската Туристичка Организација“, изјави Станчулески и додаде дека би сакале заедно со ТУК и господинот Керим да ги стави во практика, во најкус можен рок сите одредби од овој меморандум за соработка.

Според последните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) во периодот јануари – декември 2017 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 16.6% и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 6.3%, а кај странските има зголемување за 23.5%.  Во периодот јануари – декември 2017 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на ноќевањата е зголемен за 12.8% и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 5.2%, а кај странските има зголемување за 22.8%.

Според трговската размена Романија е меѓу десете најголеми трговски партнери на Република Македонија, поточно минатата година била на деветто место, со трговска размена од 422 милиони американски долари, извозот е 176 милиони американски долари, а увозот 246 американски долари.