
Дигитализацијата на противпожарната заштита – чекор кон поголема безбедност, ефикасност и модернизација.
Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ), преку Комората за превенција и заштита од пожари и кризен менаџмент, организираше регионална конференција „Дигитализација на противпожарната заштита“, која ги обедини претставниците на надлежните институции, стручната јавност и деловната заедница од Македонија и регионот. На конференцијата учествуваа заменик-министерот за дигитална трансформација, Радослав Настасијевиќ Варџиски, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, како и експерти од Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора. Во фокусот беа современите дигитални решенија за противпожарна заштита, меѓу кои Централниот регистар за заштита од катастрофи и проектот Е ЗОП, наменет за електронска евиденција и следење на системите за противпожарна заштита.
„Дигитализацијата денес повеќе не е прашање на избор, туку неопходност за развој и напредок.“ – Горан Ѓорѓиевски, претседа тел на ССКМ.
„Електронската евиденција ќе значи подобра координација, помалку административен товар и поефикасно користење на ресурсите, што го подига системот за заштита од пожари на повисоко ниво, а, за граѓаните, тоа значи поголема навременост и подобра заштита таму каде што е најпотребно“, – Марија Кукуновска, претседателка на Комората за заштита од пожари и кризен менаџмент при ССКМ.
ССКМ останува посветен на поддршката на иницијативи што ги поврзуваат технолошките можности со реалните потреби на институциите и компаниите, придонесувајќи за стандардизација на процесите, намалување на административните оптоварувања и унапредување на безбедноста.
Дигиталната трансформација е инвестиција во поконкурентна економија, поефикасни институции и побезбедно општество.
