Состанок на Регионалната мрежа за сина економија: Потенцијал за нови сино-зелени работни места и одржлив развој
Во организација на Сојузот на стопански комори на Македонија, се одржа работен состанок на Регионалната мрежа за сина економија (RBEN), во рамки на проектот Growth4Blue, поддржан од Европска комисија преку ИПА 3 програмата.
На состанокот присуствуваа од Бизнис Конфедерација на Северна Македонија, како партнер во активностите поврзани со развојот на сината економија.
Фокусот на дискусијата беше ставен на приоритетите, предизвиците и можностите за развој на сината економија во Северна Македонија, со акцент на создавање сино-зелени работни места, поттикнување на иновации и одржливо користење на водните ресурси.
Учесниците се согласија дека сината економија претставува значајна развојна можност за земјата, и покрај тоа што нема излез на море, при што потенцијалот се гледа во одржливото управување со езерата, реките и водните екосистеми, како и нивно поврзување со нови економски активности.
Како клучни области за развој беа издвоени еко-туризмот, аквакултурата, управувањето со отпадни води, водните технологии, како и циркуларната економија и земјоделството. Притоа, беше нагласено дека постои реален потенцијал за отворање нови сино-зелени работни места, особено во делот на дигиталниот мониторинг на води, управувањето со ресурси и примената на современи технологии.
Во дискусијата беше истакната потребата од подобра институционална координација, поедноставување на административните процедури и обезбедување полесен пристап до информации за компаниите. Дополнително, беше нагласена важноста од посилна соработка меѓу приватниот сектор, образовните институции и институциите на пазарот на труд, со цел развој на соодветни вештини и програми за обука.
Еко-туризмот беше препознаен како значаен сегмент, особено преку можностите за дигитализација, локална промоција и заштита на природните ресурси, додека управувањето со отпадот и отпадните води беа посочени како области со конкретен потенцијал за имплементација на практични решенија.
Како приоритети за понатамошна работа беа истакнати поддршката на Blue-Tech иновации и стартапи, развојот на сино-зелени работни места, дигитализацијата на туризмот, како и унапредувањето на циркуларната економија. Воедно, беше предложено воведување мерки за обука и преквалификација, како и подготовка на конкретни политики за поддршка на овие сектори.
Состанокот ја потврди важноста од регионалната соработка, при што проектот Growth4Blue ќе продолжи да придонесува кон размена на добри практики и развој на практични решенија за одржливо управување со водните ресурси и економски развој.
__________
