Дигитализација и зелена трансформација во секторот транспорт и логистика
На 12.11.2025 година, во организација на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ) и INNOFEIT EDIH, во просториите на Сојузот се одржа тематскиот настан „Паметен раст: Дигитализација и зелена трансформација кај македонските компании“, посветен на секторот за транспорт и логистика. Настанот ги обедини активностите на INNOFEIT EDIH и HELVETAS, со посебен фокус на на зајакнување на иновативниот капацитет во секторот за транспорт и логистика преку поддршка на генерални дигитални решенија кои влијаат на зголемена ефикасност.
Со воведно обраќање, претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија – Горан Ѓорѓиевски, го отвори настанот и ја истакна важноста на транспортниот и логистичкиот сектор како клучен двигател на економијата, нагласувајќи дека модернизацијата и дигитализацијата се неопходни за зголемување на ефикасноста, конкурентноста и интеграцијата со европските пазари.
Настанот претставуваше одлична можност за размена на искуства, идеи и добри практики меѓу претставници на транспортните компании и логистичките оператори. Со присутните се разговараше за дефинирање и развој на идеи за дигитални решенија кои би придонеле за поефикасно управување со транспортните и лпгистичките процеси..
Во рамки на дискусијата, компаниите ги споделија предизвиците со кои се соочуваат во секојдневното работење, при што како најчест и најсериозен проблем беше посочен застојот на граничните премини, кој значително влијае врз ефикасноста на транспортниот процес. Присутните истакнаа потреба од дополнителна обука за вработените, како и од поголема запознаеност и поширока примена на постојните дигитални системи – не само за гранична координација, туку и за целокупната организација на транспортот и логистиката.
Покрај предизвиците, беа презентирани и позитивни примери на компании што успешно применуваат дигитални решенија, од системи за следење во реално време до алатки за автоматско известување и планирање на транспорт. На крајот на настанот, учесниците се приклучија на неформално кафе и вмрежување, создавајќи простор за нови контакти и можности за партнерства Со ваквите активности, ССКМ и INNOFEIT EDIH продолжуваат да ја поттикнуваат дигиталната трансформација на македонските компании, со цел развој на поконкурентен, поиновативен и одржлив транспортно-логистички сектор, кој ќе придонесе за забрзан економски раст и подобра поврзаност на македонското стопанство.




