Претприемачите трпат штети и немаат алтернативен начин за вршење дејност

Сојузот на стопански комори на Македонија, ги презентираше резултатите од најновото истражување за состојбата со која се соочуваат компаниите во изминатиот период од почетокот на здравствено – економската криза,  предизвикана од Ковид19. Во истражувањето, вклучени се претпријатија од сите региони во земјава и тоа најголем дел, 54%  се лоцирани во Скопскиот, 9% се од Пелагонискиот, по 7% од Југоисточниот, Полошкиот и Источниот регион, по 6% од Југозападниот и Вардарскиот регион и 4% се лоцирани во Североисточниот регион на Македонија. 

Според дејноста претпријатијата припаѓаат на секторите угостителство, производство и преработка, сметководство и финансии, трговија, услуги, градежништво, туризам, здравство, транспорт и логистика и земјоделие.

Благоја Грозданов, член на Управниот одбор на ССК, истакна дека во истражувањето учествуваа претприемачи, претпријатија од сите големини но пред се микро, мали и средни кои претставуваат 99,8 проценти од вкупниот број регистрирани правни субјекти во земјата.  Од учесниците во истражувањето, 73% се микро,  21 % мали, 5% средни, а само 1% припаѓа на големи субјекти, што соодветствува и ја отсликува националната економија. 

Генерално претприемачите се соочуваат со намален обем на работа како и со големи штети од пандемијата, а голем дел не се во можност да се задолжуваат со нови кредити, на веќе постоечките за да ја пребродат кризата. 

Според големината на штетата, 49% од анкетираните претпријатија одговориле дека трпат штети во нивното работењето меѓу 81% и 100%, 13% имале штета од 61% – 80%, 13% се со штета од 41% – 60%, 16% претрпеле штета од 21% – 40% и 8% се изјасниле дека имале штета од 0% – 20%. Само 1% се изјасниле дека немаат штета во нивното работење. 

На прашањето колку е намален обемот на работата во месец март 2020, 40% од претпријатијата одговориле дека обемот на работа им е намален помеѓу 81% и 100%, на 19% обемот на работа им се намалил од 61% до 80%, 12% имаат намален обем на работа меѓу 41% и 60%, кај 15% обемот е намален помеѓу  21% и 40% и кај 9% намалувањето е од 0% – 20%. Само кај 5% од прeтпријатијата немало намалување на обемот на работа.  

Во однос на бројот на вработени 85% од претпријатијата одговориле дека се уште не го намалиле бројот на вработени како резултат на состојбата за разлика од 15% од компаниите кои веќе го намалиле бројот на вработени, но доколку нема соодветни економски мерки и како резултат на состојбите дури 46% од компаниите се изјасниле дека планираат да го намалат бројот на вработени ако немаат ликвидност  и средства да ги исплатат платите и трошоците. истакна Грозданов

Најголем дел од претпријатијата, односно 86%, сметаат дека економските мерки кои ги донесе Владата не се во согласност со потребите на стопанството и нема да ја исполнат целта да се преброди состојбата, додека само 14% од компаниите сметаат дека мерките се во согласност со нивните потреби.

Вкупно 65% од претпријатијата одговориле дека се уште немаат аплицирано за дел од понудените економски  мерки за справување со кризата донесени од Владата, 19% аплицирале, а 16% воопшто не планираат да ги користат економските мерки. Во поглед на понудениот кредит на Развојната банка 65% од претпријатијата не аплицирале, 8% изјавиле дека аплицирале, 7% се изјасниле дека аплицирале и се уште чекаат одговор. 19% од претпријатијата се изјасниле дека нема воопшто да аплицираат за кредит, а 1% истакнаа дека се одбиени.

Што се однесува до Мерката финансиска поддршка 14.500 денари, се изјасниле дека планираат да ја користат 47% од претпријатијата, 32 % не одлучиле, а 21%  воопшто не планираат да ја користат. На прашањето дали се запознаени дека средствата за поддршка треба да се вратат во 2021 година, 79% од претпријатијата се изјасниле дека се запознаени со условите. 

Од сите претпријатија вклучени во истражувањето 80% се изјасниле дека немаат можност да ја вршат својата работа од дома или онлајн, а на прашањето дали бараат алтернативен начин за остварување на нивната дејност 70% се изјасниле дека не е можно да ја вршат нивната дејност на алтернативен начин, 19% од нив бараат алтернативни начини, а 11% не бараат друг начин“, изјави Грозданов.

Сојузот на стопански комори на Македонија, обединува 35 стопански комори, 30 групации, здруженија и асоцијации, кои застапуваат над 24.000  претпријатија од сите  региони и сектори.