Политичкиот клиентелизам треба да се замени со меритократија

На средбата иницирана од Социјал Демократскиот Сојуз на Македонија во процес на изработка на  предизборната економска програма, Сојузот на стопански комори на Македонија, испорача три приоритети за подобрување на условите за работа на приватниот сектор. 

На средбата со  Данела Арсовска, претседател на Сојузот и членовите на бордот, претседателот на СДСМ, Зоран Заев имаше можност од прва рака да ги слушне препораките на  деловна заедница.

Арсовска истакна дека приоритет број еден за кој Сојузот гласно говори е справувањето со сивата економија, второ функционалност на законската регулатива и редовно консултирање на деловната заедница за законите кои треба да се имплементираат, како и мерки за зголемување на инвестициите со воспоставени услови за владеење на правото, слободна и фер конкуренција. Предуслов за реализација на овие три приоритети е справување со политичкиот клиентелизам, заради кој сите други развојни процеси се закочени.

Во поглед на економските програми потребно е да бидат реални, конкретни и фокусирани на неколку приоритети со прецизни чекори кои ќе се превземат и со очекувани резултати и рокови за нивно имплементирање. Економијата треба да биде приоритет заснован на развој на реалниот сектор во земјата. Растот ќе се постигне со овозможување на развој на претприемништвото, раст на инвестициите и спроведување на неопходните структурни економски реформи кои не само за ЕУ туку пред се и нам ни се потребни. Пред нас е изборен период во кој политичките партии многу ветуваат, а потоа малку од тоа се реализира или прифатените економски мерка попатно се разобличуваат од иницијалната идеја“,    изјави Арсовска на средбата и додаде дека подобрување на деловното опкружување бара длабоки промени, а суштинските ефекти ќе бидат видливи кога ќе се зголеми инвестициската активност на претприемачите, како доказ дека функционира пазарната економија со воспоставени правила на игра од страна на институциите на системот. 

Деловната заедница истакна дека во пазарна економија носител на растот е приватниот сектор и треба да се искористи потенцијалот на оние кои со сопствен труд и знаење постигнале успех. 

Сојузот на стопански комори на Македонија е подготвен и екипиран и ќе продолжи да креира иновативни промени и предлог политики за приватниот сектор, бидејќи е базиран на претприемништво и иновации, на луѓе кои со храброст инвестирале во себе, без помош од државата, без приватизирање државен капитал, единствено со личен труд и средства. Претприемачите е неопходно да ја водат државата напред со конкретни мерки и идеи, луѓе кои знаат чесно и со труд да направат многу за сите, не само за себе “ додаде Арсовска.

Заев истакна дека со Сојузот на стопански комори состаноците биле секогаш квалитетни и информира дека е даден одговор на 78 економските мерки на ССК, со напомена дека 29 се веќе решени прашања, голем дел се започнати да се решаваат, а 13 се во надлежност на општини и останати институции и веќе се адресирани.

Сојузот на стопански комори е една од најзначајните комори во земјава и нивните идеи сакаме да ги вградиме во нашите политички програми. Научивме многу од соработката со ССК и подготвени сме да ги слушнеме сите идеи, да ги добиеме и писмено како би можеле да ги преточиме и да ги препознаете во програмите“, рече Заев на денешната средба со деловната заедница