Групацијата на забавни и рекреативни дејности во рамки на Услужната комора при Сојуз на стопански комори на Македонија, достави четири конкретни предлози за намалување на штетите предизвикани од здравствено – економската криза. Во Групацијата на забавни и рекреативни дејности игротеки, членуваат пред се микро и мали компании кои со донесената уредба на Владата за превенција од Ковид 19, трет месец не ја вршат својата дејност, работата им е намалена за сто проценти и не остваруваат никаков промет.
Во секторот припаѓаат забавни и рекреативни дејности како игротеки за деца, но и голем број поврзани дејности, како приватни установи за грижа на деца како и нивна едукација, дејности кои се поврзани и тоа од прехрамбената и услужната индустрија и други.
Трајко Николовски, претседател на Групацијата, истакна дека компаниите од оваа дејност од сите градови во земјата, ја истакнуваат важноста Владата, да ги разгледа четирите мерките и препораки кои ги предлагаат за помош на дејноста.
„Најпрво, во периодот кој следи на олабавување на мерките и најави за почеток со работа на затворените дејности, од голема важност е превенција и безбедна работа во објектите од оваа дејност. Исклучително важно е, како за вработените во игротеките за деца, така и за родителите и за децата е хигиената да биде на највисоко ниво. За таа цел потребна е одредена помош од Владата со која би се обезбедиле средства неопходни за превенција и заштита, при работа во нашата дејност.
Второ, за задржување на работните места и дејноста да може да опстои, потребно е мерката за финансиска помош во висина од 14.500 денари да важи и за месец јуни или да се разгледа можноста за еднократна финансиска помош за наредниот месец.
Трето, потребно е да биде најавен датум за повторно отворање на детските игротеки, со оглед на тоа што има голем број на одложени прослави поради неизвесноста. Родителите треба да знаат дека ќе обезбедиме услови за децата да се на сигурно, чисто, дезинфицирано, поточно на место кое не е извор на зараза. Потребно е да се направат напори, да бидат отворени на истиот датум, кога ќе се отворат и установите за згрижување на деца.
И четврто, Групацијата на забавни и рекреативни дејности укажува на неопходноста од дополнителни разговори и консултации со Комисиите во Министерството за здравство и останатите надлежни комисии од Владата за прецизно да биде утврден протоколот на работа и превентивните мерки што треба да се преземат за повторно отворање“, вели Николовски.
Компаниите кои се занимаваат со овие дејности, од сите градови во земјата, се здружени и единствени, како никогаш до сега, но само со заедничка работа на сите чинители може да се надминат предизвиците. Со разбирање и довербата од корисниците на услуги и со поддршката од Владата која веруваат дека ќе ја добијат, наскоро ќе може да отпочнат и со работа објектите од нивната дејност.