Без консултации мерките постојано непотребно се менуваат и креираат забуни

Претставниците на туристичко угостителскиот сектор, кои се дел од координативното тело за превенција од можни штети од корона вирусот одржаа средба со министрите за финансии и за економија. На состанокот од страна на надлежните беа презентирани новите економски мерки и условите за мерката 14.500 денари финансиска поддршка по вработен, новата линија бескаматни кредити, а дополнително се дискутираше и за состојбата во секторот.

Мартин Ангеловски од Групацијата на угостители во Туристичко угостителската комора при ССК, истакна дека на состанокот се дискутираше за сите нови мерки, но она што изостанува е континуитет во информациите и дискусија со претставниците од секторот пред да се донесат мерки.

Во овие кризни времиња и носење на економски мерки за најпогодениот сектор угостителството, неопходно е консултациите и ваквите состаноци да се прават пред да се донесат мерките. По заклучокот од состоанокот во Министерството за финансии пред три недели,  доставивме мерки кои сметавме дека во голем дел ќе влијаат за ублажување на последиците од корона кризата, за секторот кој со уредба од владата беше затворен, се со цел превенција од вирусната инфекција. Дел од нашите предлози беа и јавно изнесени, би ги издвоил минимална бруто плата за вработените, можност за субвенција на закупнини во висина од 50 отсто од склучените договори, времено одложување на обврските за режиски трошоци и даночни одложувања. По однос на овие наши доставени барања, до денес се уште нема официјален одговор“ изјави Ангеловски,  пренесувајќи го ставот на угостителите од сите градови во земјата. 

Тој додаде дека со цел да се измери ефектот од кризата врз работењето, на  членовите во Сојузот на стопански комори како и угостителите од сите градови, спроведено е истражување, кое ќе биде  дополнително објавено, со особен акцент на два клучни параметри кои ја отсликуваат реалната состојба во секторот

Секторот угостителство вработува повеќе од 29.000 граѓани, при што во Туристичко угостителската комора на Македонија здружено делуваат претпријатија од сите градови во земјата кои ги застапуваат секторите туризам, угостителство и пропратни услужни дејности.