Ангелоски избран во највисокото тело на Светската коморска федерација

Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија Трајан Ангелоски е избран за член на Генералниот совет на Светската коморска федерација (ICC – World Chambers Federation) со седиште во Париз. Изборот беше направен по пат на електронско гласење од страна на стопанските комори од повеќе од 100 земји во светот.

Ангелоски истакна дека ангажманот во највисокото тело на Светската коморска федерација нуди можности за остварување на поблиски соработки за влез на нови инвестиции во земјата и регионот, изградба на сигурни партнерства за домашните деловни субјекти и вклучување во глобални иницијативи  за развој на економијата.

“Интернационализација е тренд кој мора да се следи за да се постигне и одржи солиден раст и развој во бизнисите. Поради тоа како дел од Генералниот совет  максимално ќе работиме на отворање на нови пазари за нашите компании, привлекување на странски инвестиции, јакнење на нашата економската позиција преку поврзување со другите комори и поддршка на микро, малите и средни компании. Со изборот во највисокото тело на Светската коморска организација покажуваме дека е препознаен нашиот капацитет за придонес кон стратегија за развој и зајакнување на нашата економија како дел од светската економија “, изјави Трајаноски.

Ангелоски е единствен претставник на коморска организација од регионот на Југо-источна Европа во Генералниот совет, кој раководат со Федерацијата, каде членуваат и претставници на коморските организации од САД, Јапонија, Велика Британија, Турција, Индија, Италија, Германија, Франција, Канада, Данска, Бразил, Германија, Австрија.

Светската коморска Федерација како единствен глобален форум кој ги обединува стопанските комори од целиот свет, делува на зајакнување на врските меѓу коморите, но го претставува и гласот на бизнис заедницата во најрелевантните светски организации како Организацијата на обединети нации – ООН, Г20, Светската трговска организација, Светска банка како и Европската банка за обнова и развој.

Советот на Светската коморска федерација секоја година организира глобален годишен самит на различен континент. Оваа година настанот беше во Париз, а следната година во февруари ќе се одржи самит во Богота, Колумбиjа.