ССК со дигитална платформа за директна соработка на домашни и кинески компании

Сојузот на стопански комори на Македонија во соработка со Народна асоцијација за пријателство со странски земји на кинескиот град Тијанџин ќе воспоставува посебна платформа за комуникација на деловните ентитети од двете земји, преку која со примена на современи алатки за комуникација и рекламирање, компаниите од двете земји ќе може да воспостават директни бизнис релации. Оваа соработка беше договорена на виртуелна конференција која ја организираше Сојузот под покровителство на Кинеската амбасада во нашата земја.

Сојузот на стопански комори на Македонија во соработка со Народна асоцијација за пријателство со странски земји на кинескиот град Тијанџин ќе воспоставува посебна платформа за комуникација на деловните ентитети од двете земји каде со примена на современи алатки за комуникација и рекламирање, компаниите од двете земји ќе може да воспостават директни бизнис релации. Оваа соработка беше договорена на виртуелна конференција која ја организираше Сојузот под покровителство на Кинеската амбасада во нашата земја.


Целта на конференцијата беше промовирање на билатерална трговска размена преку зголемување на извозот на македонско вино, месо и други земјоделски и индустриски производи во Тијанџин и промоција на механичката опрема, електронската опрема, велосипедите и другите индустриски производи на Тијанџин во Северна Македонија. Билатерална инвестициска соработка е планирано да се подобри преку воспоставување платформа за соработка и размена за претпријатијата од двете земји и зајакнување на соработката во производството на вино, преработка и продажба на земјоделски производи, производство на машини и опрема и други области.

Претставникот на Сојузот на стопански комори Ненад Фидановски во своето излагање истакна дека Македонија иако има мала економија нуди голем потенцијал за деловни активности за соработка со Кина како развиена земја.

„Сојузот на стопански комори на Македонија е организација која ги застапува деловните субјекти членки на Комората кои се активни во сите стопански сектори и дејност. Разновидноста на секторите кои ги претставува му го даваат легитимитетот и сила во остварување на целта да биде лидер и глас на деловната заедница. Како што сите знаеме, факт е дека малите и средните компании се движечка сила на економијата во развој, затоа Сојузот става посебен фокус на развивање на овие бизнис, а средбите од ваков вид се значајни за создавање на можности за зголемување на деловната активности пред воспоставување на нови бизнис релации“, истакна Фидановски.

Потпретседателот на Сојузот проф. д-р Орце Симов се осврна на ефектите од огромното зголемување на цените на струјата, нафтата и природниот гас што ја загрози светската и домашната економија, како и на високите и нестабилни цени на суровините, металите, транспортот.

„Мора да најдеме начини да ги ублажиме негативните влијанија врз нашите компании и економии. Еден од најголемите проблеми на глобализацијата се ланците на снабдување, а тоа може да биде надминато доколку за некои трендовите прво биде направена регионализација, а потоа глобализацијата. Овде гледам можности за заедничка соработка меѓу македонските и кинеските компании. Македонија може да биде порта за влез на кинеските компании на европскиот пазар, што ќе се обезбеди преку инвестициите во заедничко вложување. Можностите за инвестирање има во ИКТ секторот, производство на машински и автомобилски компоненти, агробизнис и преработка на храна, винската индустрија, здравствен сектор и фармацевтски производи, текстил, енергетика и туризам“, изјави проф. д-р Симов.

На настанот присуствуваа претставници на компании кои се активни во ИКТ Комората, Агро-бизнис комора и Трговската комора при Сојузот, а од кинеска страна беа присутни високи претставници на повеќе владини и невладини организации и тела од Тијанџин меѓу кои Канцеларијата за надворешни работи на општинската влада, Комитетот за земјоделство и рурален развој на општинската влада, Асоцијација за надворешна економска соработка; Стопанска комора за увоз и извоз; Асоцијација за велосипеди и електрични велосипеди. Посебно обраќање имаше и амбасадорот на Народна Република Кина во РСМ, Џанг Ѕуо
Виртуелната конференција со партнерите од Кина беше дел од активностите на Сојузот на стопански комори насочени кон планирање, организирање и воспоставување различен тип на директна комуникација меѓу македонските претпријатија и потенцијални деловни партнери од други земји. Овие активности се организираат со поизразен интензитет со цел изнаоѓање на алтернативни пристапи во обезбедување на услови за одржување и проширување на деловната активности и полесно надминување на актуелните предизвици со кои се соочува реалниот сектор поради мултиплицирана економска криза.