Сојузот на стопански комори на Македонија денеска потпиша Меморандум за соработка со Стопанската комора на Хрватска cо цел преземање на заеднички активности за унапредување на економската соработка и зголемување на трговската размена меѓу двете земји.

Меморандумот беше потпишан во рамките на бизнис форумот кој се одржува денеска во Загреб од страна на потпретседателот на Сојузот, проф. д-р Орце Симов и Лука Буриловиќ, претседател на Стопанската комора на Хрватска.

Во своето обраќање пред присутните високи претставници на хрватската и македонската влада, како и претставници на деловните мрежи од двете држави проф. д-р Симов истакна дека Хрватска е меѓу најголемите политички поддржувачи на евроинтегративниот пат на нашата држава, но сепак потенцијалот за економска соработка се уште не е доволно искористен.

„Меѓусебната економска соработка има можности значително да се зголеми, при што се отвораат можности за инвестиции во областа на индустриското производство и обновливите извори на енергија, туризмот. Постојат можности и за заеднички настап на трети пазари, заеднички инвестиции како и воспоставување на соработка на заеднички проекти финансирани од ЕУ фондовите. Земјоделските и прехранбените производи имаат голем удел во нашата трговија, поради фактот што компаниите имаат долга традиција и препознатлив квалитет и присуство на овие пазари. Во насока на поттикнување на соработката, треба да се интензивира организацијата на настани за вмрежување, преку платформи за видео комуникација, како и настани во живо. Саемските манифестации се одлична можност за поврзување и создавање нови деловни контакти, поради што сметам дека би било добро да се обезбеди државна поддршка во двете земји за настап на нашите компании во Хрватска на саеми и обратно. За развој на соработката во туристичкиот сектор би било добро да се воспостават директни летови до туристичките дестинации, а можно е и да се организираат заеднички туристички тури за туристите од подалечните дестинации“, истакна проф. д-р Симов.

Во рамките на форумот покрај потпишувањето на Меморандумот за соработка беше организирана презентација на можностите за инвестиции во нашата земја, претставниците на компаниите ги презентираа своите портфолија, а се организираа B2B средби на претставниците на деловните мрежи. Препознавајќи ја регионалната соработка за многу значаен фактор за раст и развој на домашната економија Сојузот на стопански комори во изминатиот период активно се вклучува во регионални форуми, саеми и други настани, а е дел од регионалните иницијативи како „Отворен Балкан“ и  „Зелен Навигатор“.