Унапредување на соработката меѓу научно-истражувачката дејност и приватниот сектор со цел инвестирање во човечкиот капитал  е фокусот на соработката на Сојузот на стопански комори на Македонија и на Бизнис Академија Смилевски БАС, која вчера доби правна рамка со потпишување на Меморандум за соработка. Во име на двете институции Меморандумот го потпишаа претседателот на Сојузот, Трајан Ангелоски и директорката на БАС, Маја Кузмановска.

На настанот организиран за потпишување на документот претседателот на Сојузот, Ангелоски ја акцентираше важноста на човечкиот капитал за динамичен економски развој.

„Човечкиот капитал е еден од главните елементи за иден, успешен и динамичен економски развој, затоа и вложувањето во него треба да е приоритет за сите општествени чинители, пред се државите институции и приватниот сектор. Соработката која ја официјализираме всушност ќе даде придонес кон унапредување на вештините и знаењето на младите во насока на нивно совпаѓање со потребите на пазарот, а исто така заеднички ќе работиме на поттикнување на истражувачката дејност и иновациите како значајни сегменти за иден развој“, истакна Ангелоски.    

Меморандумот предвидува размена на кадри во формирање на истражувачки и консултантски тимови за заеднички потфати, вклучувајќи и заедничко основање на повремени или трајни организации и асоцијации. Согласно документот за соработка ќе се иницираат заеднички истражувачки проекти, меѓународни проекти, научни собири, обуки, пракса во различни области.

БАС е акредитирана високообразовна установа која успешно функционира во областа на високото образование уште од 2007 година,  а студиските програми се подготвуваат  согласно промените на пазарот со цел да се понуди практично и применливо знаење на студенти.

“Со оглед на фактот дека праксата е задолжителен дел од студиите, поврзувањето со бизнис секторот ни е од исклучително значење. Моментално соработуваме со голем број партнерски организации кои несебично го споделуваат своето знаење и експертиза. Соработката со Сојузот на стопански комори ни отвора нови можности пред се како институција, за заедничко делување во повеќе области. Особено во услови на голем одлив на млад кадар, заеднички ќе се бориме да ја задржиме нашата млада генерација и истовремено да помогнеме во идентификување на профили кои недостигаат“, истакна Кузмановска.