Доколку сега ја добиеме потребната поддршка по стабилизирање на состојбата, тоа многукратно ќе врати преку полнење на државниот буџет, вели потпретседателот на Сојузот на стопански комори, Орце Симов во разговор за „Слободен печат“. Тој е дециден дека поддршката на стопанството треба да биде поголема од донесените 5 антикризни мерки. Симов алармира дека во услови на вакви трошоци, какви што сега ги имаат, многу компании за да ја подржат својата ликвидност нема да се осмелат да земат ниту бескаматен кредит, туку како поисплатлива варијанта ќе ги затворат компаниите. Затоа Сојузот на стопански комори предлага сет од 14 мерки, меѓу кои и ограничување на цената на струјата, а повеќе од таа цена да се плаќа од кризен фонд на државата.
Дали во пакетот на антикризни мерки што го презентираше Владата препознавате мерки за стопанството?
– Кризата во која се наоѓаме е исклучително голема, а мерките што беа презентирани имаат нагласена социјална димензија, поради што сметаме дека поддршката за реалниот сектор треба да биде поголема и подобро таргетирана. Стопанството во нашата земја вработува околу 680.000 луѓе, создава додадена вредност, го полни државниот буџет и без негов раст и развој не може да се постигне општествен напредок. Затоа и сметаме дека доколку сега ја добие потребната поддршка по стабилизирање на состојбата, тоа многукратно ќе се врати преку полнење на државниот буџет. Има пет мерки за поддршка на приватниот сектор што ги таргетираат микро, малите и средни компании. Се проширува опсегот на компаниите што се корисници на кредитно – гарантната шема, од Гарантниот фонд на Развојната банка, преку олеснување на критериумите за аплицирање. Но, се уште немаме информација кои компании ќе може да бидат корисници на оваа кредитно-гарантна шема.
Втората мерка е директна кредитна линија за поддршка на ликвидноста на микро, мали и средни трговски друштва, како и трговци поединци: занаетчии (кои плаќаат давачки на реален приход). Според информација од некои медиуми се работи за 5 милиони евра бескаматна кредитна линија. Сумата е прилично мала во однос на големината на целата економска сфера. Исто така се работи за кредити што ќе треба да се враќаат. Можеби ќе бидат од некаква корист, но не за сите компании. Многу компании за да ги намалат трошоците или ќе отпуштат вработени или ќе затворат, нема сите да земат кредит за пребродување на кризата колку и тој да биде поволен.
Во однос на забрзан и зголемен поврат на ДДВ, ова е и законска обврска со дефинирани рокови. Државните институции на време треба да вршат поврат на ДДВ, во обем колку што е сметководствено одредено. Повратот на ДДВ не може да биде ни помалку ни повеќе и треба да биде навремен.
Исто така, мерка е и обезбедување поволна консултантска поддршка за изработка на проекти за инвестиции во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, со цел полесен пристап до капитал. Немаме доволно информации под кои услови ќе биде достапна оваа консултантска помош.
Продолжување на Mерката 25 преку Развојната банка на Македонија и комерцијалните банки, односно овозможување кредити за инвестирање во проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија. Овде колку што успеавме да добиеме информација се работи за средства во висина од 20 милиони евра.
Какви мерки, според ССК, најмногу во моментов би помогнале на стопанството?
– Сојузот на стопански комори во август излезе со сет од 14 мерки за полесно справување со енергетската криза. Глобално гледано мерките се во две класи: намалување на потрошувачката на енергија и зголемување на производството на енергија. Некои од мерките се: цената на струјата да се ограничи, а над таа цена да се плаќа од кризен фонд на државата; да се ограничат маржите во трговијата со струја; олеснување на процедурите за поставување на фотоволтаични системи и побрзо поставување на фотоволтаичните системи; да се укине ДДВ за опрема за фотоволтаични системи; ЕЛЕМ да обезбеди дополнителни количини енергија од домашно производство кое ќе биде ставено на располагање на стопанството; реконструкција на неефикасните државни објекти со замена на прозори, фасади и кровови; воведување на дополнителен данок на енергетски неефикасни греалки…
Јасно е дека цената на електрична енергија е најгорлив проблем за стопанството. Имате ли сознанија како во околните земји се обидуваат да го ублажат ценовниот шок што го приреди струјата?
– Да, најголем проблем и најголема опасност за стопанството во моментот се високите цени на енергенсите. Колку повеќе една земја е енергетски зависна толку потешко ќе ја преброди оваа криза и сите конститутиенти што ја сочинуваат таа држава ќе претрпат штети, компании граѓани, институции. За нафта и гас знаеме дека немаме, и тука не можеме ништо да направиме. Проблем е, за жал, што не произведуваме и доволно електрична енергија, чија цена би била пониска од онаа на Хупекс берзата. Производството на ЕСМ паѓа од година во година. Минатите две години производството паѓаше за по 15 проценти, во 2019-та се произведени околу 4.200 GWh, во 2020-та 3.600 GWh, а во 2021-3.150 GWh. На Македонија и се потребни околу 8.000 Gwh. Ланската година ЕСМ со неколку илјади вработени има произведено 3.150 GWh енергија, а ТЕ-ТО околу 1.570 GWh со околу 100-тина вработени.
Поради цената на електричната енергија, македонската економија е неконкурентна. Ние немаме високопродуктивна и високо-технолошка економија, имаме трудово интензивна економија и цената на енергенсите има значителна улога.
Во околината, електричната енергија е многу поевтина. Во Србија е околу 90 евра за мегават-час, во Босна е околу 70 евра. Кај нас малите и микро компании ја плаќаат струјата 279 евра за мегават-час, а за средните и големите цената варира во зависност од берзата и во одредени моменти беше и над 800 евра. Сега е нешто намалена и се движи во граници од 250-350 евра.
Какви информации ви пренесуваат членките во однос на ликвидноста? Има ли опасност од поголеми затворања на фирми?
– Ликвидноста на компаниите е значително намалена. Приходите се намалуваат, а од друга страна расходите растат по повеќе основи – зголемени трошоци и плати за вработени, зголемени плаќања за енергенси, инфлацијата значително ги намалува и онака намалените резерви на компаниите. Кај многу компании расходите веќе се приближуваат или ги надминуваат приходите, така што тие почнуваат да работат со загуба. Битно во овој момент е да се зачува стопанството затоа што тоа вработува голем број на луѓе, го генерира бруто домашниот производ и го полни буџетот. Треба да се преземат активности оваа голема криза да ја поминеме со најмали можни штети, со што е можно помалку затворени компании. Условите за стопанисување се влошуваат и поради отселувањето на луѓе од државата, се намалува и квалификациски и квантификациски работната сила. Сето тоа создава перфектни услови за голема економска криза. Потоа, нарушувањето на глобалниот синџир на снабдување е еден од најголемите недостатоци на глобализацијата. Тенденција сега во светот е да се оди на регионализација.