ССК Прес Фото

За да се заштитат од непотребни ризици кои може да им ја нарушат ликвидноста, но и да постигнат поголема ефикасност и заштеда на непродуктивни трошоци компаниите треба да ги користат бенефитите од поседувањето на Сертификат за деловна успешност, што претставува признание за успешните и добро управувани компании од Македонија, истакнува претседателот на Сојузот на стопански комори, Трајан Ангелоски.

Сојузот реагирајќи проактивно со цел да ја зголеми конкурентноста на компаниите кои се негови членови  почнува соработка со македонската бонитетна агенција Таргет Груп со што се овозможува директен и едноставен пристап до овој престижен сертификат, но и ќе се зголеми и истакне и видливоста на успешните компании.

„Ковид пандемијата  покажа колку е значајно економичното работење на компанијата со акцент на зголемување на продуктивните трошоци, а намалување на непродуктивните трошоци преку што би обезбедиле приливи на парични средства кои претходно биле залудно потрошени. Исто така поседувањето на овој сертификат обезбедува безбедност на комерцијалното и финансиско работење, избегнување на непријатни состојби кои продуцираат ненаплатени побарувања, намалување на можностите за продуцирање на дополнителни трошоци кои произлегуваат од водење на судски постапки и процедури за присилна наплата“, истакна Ангелоски.

Пандемијата како и војната на европскиот континент само потврдуваат дека промените постојано се случуваат и од особена важност е да се располага со навремени и точни информации кои ќе овозможат соодветно планирање на трошоците и добро управување со работните процеси.

Обемните финансиски анализи на Таргет Груп за работата на македонските компании во 2021 година, покажаа дека  1.083 компании од земјава што претставуваат 2 отсто од вкупниот број на деловни субјекти успешно се справиле со разните закани. Овие македонски компании всушност се и носители на Сертификатот за деловна успешност за минатата година.

„Секоја компанија исто како и секој поединец е една компактна целина во која се содржани добри и лоши страни, можности, закани како и ретки и специфични вредности кои ја прават компанијата единствена на свој начин. Имајќи го ова во предвид, Таргет Груп настојува да направи колку што е можно подетални анализи кои имаат единствена цел – да го прикажат она што кај компанијата не може да се види “со голо око” односно не може да се забележи со едноставен преглед на финансиските извештаи, истакнува Огнен Огненовски, косопственик на „Таргет Груп“, додавајќи дека во финансиските анализи сите елементи се поврзани едни со други, така што крајниот резултат е комбинација од сите нив. 

Генерално гледано критериумите за добивање на едно вакво признание се поделени во неколку групи и тоа критериуми за ликвидност и солвентност, критериуми за финансирање со туѓи извори на средства, критериуми за успешност и ефикасност во управувањето и критериуми поврзани со карактеристиките на компанијата и нејзиното опстојување на пазарот.

Добитниците на Сертификати за деловна успешност се компании кои имаат успешно менаџирање на своите деловни процеси, успеваат да го задржат или подобрат своето работење,  успеваат најголем дел од нивните закани од работењето да ги претворат во можности со цел постигнување на најдобри можни резултати.